Гостување на „Танец“ во Стокхолм по повод 20 години билатерални односи со Шведска

Од:

Репрезентот на македонскиот фолклор – Ансамблот за народни песни и игри „Танец“, утре ќе одржи концерт во Стокхолм, со кој ќе бидат одбележани 20 години од воспоставените билатерални односи меѓу Македонија и Шведска.

Настанот, на кој ќе присуствува и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ќе биде во концертната сала (Konserthuset), која е дом на Кралскиот филхармониски оркестар на Стокхолм, а позната во светот по годишните церемонии на доделување на нобеловите награди. Министерството за култура информираше дека влезниците за концертот се веќе распродадени.

Покрај концертот на „Танец“, во 2013-та во Шведска ќе има и други содржини по овој повод, а меѓу нив, во втората половина од годинава, и претставување на богатото книжевно наследство на Македонија преку старите ракописи.

Кралството Шведска е 20-та држава со која Република Македонија од своето осамостојување воспостави билатерални односи (20 декември 1993). Тие постојано се продлабочуваат, што се потврдува и со посетите на Шведска од членови на македонската Влада и на нејзиниот претседател Никола Груевски кој со тим министри минатата година имаше економска презентација во таа скандинавска земја.

И во областа на културата Македонија се претставува преку гостувања на писатели, претстави, хорови. Овој месец во Стокхолм настапија ученици од музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“, а секоја година Македонскиот сојуз во Шведска таму организира Денови на македонската поезија.

Кај нас шведската  култура е најдоближена преку литературата и филмот – so делата на Стриндберг, Астрид Линдгрен, филмовите на Бергман. Двајца шведски поети се добитници на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата – Артур Лундквист во 1977 и Томас Транстромер во 2003, кој пред две години стана и нобеловец.

Минатата година Македонија се вклучи во светското одбележување на 100 години од смртта Август Стриндберг и по тој повод неговата едночинка „Пеликанот“ првпат беше преведена од шведски на македонски, албански и на турски јазик и одиграна на 21. студентски театарски фестивал „Скомрахи“, кој тематски му беше посветен на големиот шведски драматург и зачетник на модерниот театар.

На „Охридско лето“, пак, лани гостуваше театарот „Интима“ од Стокхолм со најпознатата драма на Стриндберг „Госпоѓица Јулија“, која и во Македонија е често изведувана, а постановката на Турскиот театар од 2009-та во режија на Александар Поповски имаше и многу награди и гостувања на фестивали.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот