Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и нејзиниот чешки колега Даниел Херман, синоќа во галеријата на Чешкиот центар во Прага свечено ја отворија изложбата „Трансфигурирање” на Националната галерија на Македонија (НГМ), јави дописникот на МИА од чешката метропола.
Изложбата е централна активност во одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Чешката Република, во чии рамки годинава беа одржани голем број културни настани.
Нејзиното отворање предизвика голем интерес кај чешката публика со присуство на многубројни гости и претставници на државни институции, на научната и академската сфера и претставници на дипломатскиот кор.
На манифестацијата која ќе трае до 10 јануари 2015 година, се претставени визуелизациите на авторите на современата уметност: Јован Шумковски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ирена Паскали, Велимир Жерновски, Мирна Арсовска, Марија Сотировска, Игор Тошевски, Нада Прља, Игор Сековски, Антони Мазневски, Борис Шемов, ОПА Професионалци, Искра Димитрова, Александар Станкоски, Дијана Богдановска, Благоја Маневски, Славица Јанешлиев, Атанас Ботев, Жанета Вангели, Вана Урошевиќ.
– Насловот „Трансфигурирање” е избран затоа што може да се гледа низ повеќе нивоа, низ повеќе дискурси во коишто се изразуваат македонските уметници. Дали станува збор за трансфигурација, транзиција, мутација, менување на формата на обликот, идејата и трансфигурирање на сопствената личност, изјави за концептот на изложбата кураторката Ана Франговска.
Франговска за МИА истакна дека секое дело носи своја порака кон темата трансфигурирање, во однос на општествено-социјалните проблеми, сооднос на реалноста со некој нов звук, или предмет, или пак се претставува споната меѓу доброто и злото, скокот меѓу нешто што е добра природа и нешто што е гротескна, драматична или мистериозна природа на личноста.
– Некои други пак, од хумористична страна приоѓаат кон темните страни на секојдневието, за маките со кои ние се соочуваме како индивидуи и токму тој различен пристап го земав како идеја водилка, бидејќи е токму така податен за да се направи еден поширок пресек на македонската современа уметност, денес секако само од еден аспект, изјави Франговска за експонатите кои навистина оставаат простор за различно доживување и толкување.
– Оваа годишнина не повикува да погледнеме назад во минатото и да размислуваме за иднината. Овие размислувања би требало да бидат насочени пред се кон прашањето за тоа како да постигнеме поголем напредок во нашите односи, истакна македонскиот амбасадор во Прага, Паскал Стојчески.
Стојчески подвлече дека Македонија и Чешка се согласуваат дека културната размена претставува важен начин за продлабочување на заемните односи, а како доказ за тоа што може културата со посредство на уметноста да донесе е и претставувањето на македонските уметници преку нивните дела.
– Оваа изложба е уште едно камче во мозаикот за запознавање на актуелната македонска уметност и нејзините творци, истакна во својот говор чешкиот министер за култура Даниел Херман, кој заедно со министерката за култура Канческа-Милевска ја отворија изложбата.
Херман додаде дека и Македонија и Чешка посветуваат големо внимание на одбележувањето на дведеценискиот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, што покажува дека заемно се почитуваат и продолжуваат во напорите подобро да се запознаат и соработуваат.
– Осознавајќи го сопствениот вредносен код, овие уметници ги преминаа границите на нашата држава, го освоија европскиот и светскиот културен простор и денеска тие се горди репрезенти на македонската култура и уметност во меѓународен контекст, изјави министерката Канческа-Милевска на отворањето.
Обраќајќи и се на публиката, Милевска порача дека генерациската разнородност на еминентните претставници на македонската визуелна сцена, како и богатата медиумска палета низ која се изразуваат овие автори, од слики и скулптури, до објекти и инсталации, несомнено го претстави широкиот дијапазон на македонската современа уметност која е автентична но, во исто време, и препознатлива во поширокиот европски и светски културен простор.
– Република Македонија е земја каде историјата и културата нудат бесконечен број на можности за средба со минатото, со музиката, со уметноста, со убавината, со многубројните артефакти кои се доказ за длабоките корени и многуте цивилизации кои се вкрстувале на македонското тло, истакна министерката за култура.
Министерот Херман во изјава за МИА, изрази задоволство од досегашната соработка со неговата македонска колешка во музичката област, уметничките дела, галерии, музеи и литература.
– Се договоривме за продолжување и интензивирање на соработката и учество на Македонија во Прашкото квадриенале и Меѓународниот саем на книги и литераура. А разговаравме и за културните знаменитости, за размена на искуствата во областа на грижата и зачувувањето на културното наследство, истакна Херман.
– Верувам дека и за чешката и за македонската јавност од огромно значење се овие културни проекти кои се реализираа изминатата година, изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска, изразувајќи задоволство и благодарност за чешката помош во реализацијата на сите проекти.
Таа подвлече дека е договорено интензивирање на соработката во областа на културата, врз основа на Договорот кој е потпишан меѓу владите на Чешка и Македонија и во таа насока е иницирано потпишување на Меморандум за посебна програма за културна соработка, меѓу институциите во двете земји.
– Со министерот позитивно ја оценивме соработката која ја имаме, како на пример Кинотеката на Македонија со чешкиот Архив, кога имавме можност да проследиме и ,,Денови на чешкиот филм во Македонија”, изјави македонската министерка, потсетувајќи на Деновите на македонската култура во 2009 година одржани во Прага. Тогаш, чешката публика имаше можност една недела да ужива во комплексната програма во која учествуваше Македонскиот балет, Филхармонијата, Македонскиот народен театар и имаше богата филмска програма.
Канческа-Милевска ја истакна и соработката во филмската индустрија, односно подготовката на отворањето на ФАМУ Институтот во Македонија. Студентите ќе добиваат стипендија во сценариската дејност, во реализација на голем број филмови.
Изминатата година во Чешка концерт одржа Симон Трпчески, музичкиот состав „Ла Колони Волвокс“, македонската етногрупа „Баклава“, беше претставена изложбата „Експериментален цртеж“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, настапи културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, а неодамна и Театарот за деца и младинци со претставата „Македонска приказна“. Со овие настани беше свечено одбележана 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Чешка и Македонија.