За третманот на македонската книга и социјалниот статус на македонскиот писател беше посветено редовното Годишно собрание на Друштвото на македонските писатели, на кое неговите членови имаа предлози како да се зголеми читањето книги од домашни автори во услови на хиперпродукција на странски наслови, од кои голем дел без уметничка вредност.
Во поздравното обраќање на собирот, претседателот на Собранието на ДПМ Раде Силјан рече дека македонскиот писател ја дели судбината на општата економска состојба во државата.
– Ако пред осамостојувањето во нашата држава се објавуваа околу 1500 публикации годишно, денес бројот е меѓу 750 и 800 публикации кои се печатат во скромен тираж, рече Силјан.
Писателот Христо Петрески побара ДПМ да покрене национална кампања за книгата и читањето која ќе биде поддржана од Министерството за култура, издавачите, книжарите и печатарите. Рече дека надлежните треба да ги финансираат и програмските содржини во книжарниците, да ги помагаат затоа што во многу градови тие и не постојат.
Според него, издавачите се заинтересирани за објавување македонска книга додека аплицираат во Министерството за култура, а потоа книгата, рече тој, е мртва зашто не стигнува до читателите.
– Ако вака продолжиме, ќе исчезне македонската книга, македонскиот писател, а со тоа и македонскиот читател. Доста со менталитетот дека туѓото е поубаво, потребна ни е поголема почит кон нашата литература, рече Петрески.
Васил Димески, исто така, посочи дека од надвор доаѓаат наслови без уметничка вредност и заклучи дека недостига објективна книжевна критика која, како што рече, не е само суд за делото, туку и препорака за читателот. – И денес, во 21 век, лебди прашањето: Знаеме ли да читаме книги?, рече Димески.
Според Игор Крајчев, пак, директор во Библиотеката во Велес, читатели има но треба некој да им ги приближи книгите. – Поактивно да се вклучиме во промовирањето на македонската книга, рече Крајчев, кој е непријатно изненаден од резултатите на интерна анализа во нивната библиотека која покажала дека најмногу се бара трендовска литература, а не класика која, додаде, треба да биде основата.
Гордана Михаилова-Бошнаковска и Стојан Тарапуза се осврнаа на литературата за деца, посочувајќи дека вкусот и интересот почнуваат од најмала возраст.
Писателката рече дека ДПМ не смее да биде изолирано кога се составуваат програмите за лектири во училиштата, а Тарапуза посочи дека и литературата за деца треба да се приспособи на новото време.
– Поради нивниот богат сензибилитет и новите технологии, децата созреаја, па литературата за деца веќе се доближи до литературата за возрасни, рече Тарапуза.
Според Сеида Бегановиќ, во подобрувањето на состојбата на писателот треба да се почне со зголемување на неговиот хонорар. Таа побара и поголема поддршка за автори кои пишуваат на други јазици кои не се домицилни во Македонија, констатирајќи дека тие се дискриминирани на конкурсите.