Во организација на Народниот музеј од Велес и со поддршка од општина Велес и Министерството за култура синоќа во Ликовниот салон во Велес беше отворена годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници на Велес (ДЛУВ).
На изложбата се претставени 16 велешки ликовни уметници од помладата генерација со 18 дела главно слики во различни сликарски техники и две скулптури.
– Изложбата се претставува по пауза од пет години, изјави Димитриј Михајловски, млад ликовен уметник и нов претседател на ДЛУВ.
– Годишната изложба на ДЛУВ е можност за презентирање на ликовните уметници пред своите граѓани со осврт за нивното најново творештво во изминатата година, но и на повозрасните ликовни уметници од кои ние, помладите треба да учиме и црпиме искуства, истакна Михајловски.
Елица Николовска, историчар на уметноста и директор на велешкиот Народен музеј, оцени дека велешката ликовна сцена се збогатува со дела од квалитетни млади ликовни уметници кои ги следат најновите светски ликовни остварувања.
– Тие се носители на новото, експерименталното, неконвенционалното во уметноста. Тие толку самоуверено ја искажуваат својата творечка слобода, секогаш имајќи што да покажат, особено денес во ерата на новите техологии и медиуми, потенцира Николовска.