„Гласање и гласови“ – постери од кампањите за референдумите во Швајцарија

Од:

До 12 август во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложбата „Гласање и гласови“, која претставува 50 постери од кампањите за референдумите во Швајцарија од 1918 до денес. Изложбата е на Museum für Gestaltung Zürich од Цирих, еден од водечките во Швајцарија, а со неа се одбележува и почетокот на проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ поддржан од Швајцарија.

Амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер на отворањето истакна дека изложбата покажува дека граѓаните на Швајцарија не само што имаат право, туку имаат и инструменти кои им овозможуваат значајно да се вклучат во политичкиот процес.

– Граѓаните се највисокиот политички авторитет во сите демократски системи, но еднакво е важно и да имаат инструменти кои им овозможуваат да ја применуваат таа демократска моќ. Оваа изложба се случува во мошне интересен момент за Северна Македонија, кога се одвива нов циклус дебати за изборните реформи, истакна Зутер.

Во наредните десет години во рамките на Проектот за изборни реформи, рече таа, ќе работат кон остварување подемократски и поверодостојни изборни процеси, кои ќе вклучат бројни државни институции, политички партии, граѓанското општество и гласачите.

Задоволна е што проектот добил целосна поддршка од Владата и од сите други чинители што, рече, претставува клучен предуслов за успех во овој процес.

Изложбата „Гласање и гласови“ ги прикажува стратегиите за визуелно аргументирање и сликовитата реторика кои ги обликувале постерите за швајцарските кампањи уште од пред еден век.

Како чувствителни индикатори на општествено-политичкото расположение и како вредни современи документи, изложените постери ја отсликуваат историјата на швајцарскиот пристап, но и глобалните трендови во општеството.

Бетина Рихтер, кураторка на изложбата на Museum für Gestaltung Zürich, истакна дека постерите од швајцарските кампањи од 1918 до денес ги придружуваат референдумите како централен инструмент на директната демократија.

– Околу половина од сите референдуми на светско ниво се одржуваат во Швајцарија, а оттаму се и важен елемент на еден хармоничен политички систем уште од формирањето на сојузната држава во 1848 година. Актуелните прашања ги возбудуваат луѓето и доведуваат до жестоки идеолошки борби. Доказ за ваквите спорови се постерите од кампањите со кои се прави обид да се влијае на јавното мислење уште од почетокот на XX век. Клишеа, претерани поедноставувања, репертоар на драстични мотиви и слогани што лесно се памтат, кореспондираат на законите на медиумите, чија цел е директна манипулација со масите, рече кураторката Рихтер.

Целта на проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, за кој е повод изложбата во МСУ, е да ги поддржи демократските и веродостојните изборни процеси кои го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција, со тоа што на гласачите им овозможуваат да ги изберат своите претставници и од нив да бараат отчетност.

Проектот е на Швајцарската агенција за развој и соработка, го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи во партнерство со Националниот младински совет на Македонија.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска