Продуцентот на филмот „Медена земја“, Атанас Георгиев, на денешната прес-конференција рече дека екипата не е разочарана што не ја доби статуетката Оскар ниту во двете категории во кои беа номинирани.
„Меѓу нас знаеме да си кажеме дека двете номинации се повеќе од еден ‘Оскар’. Не сме разочарани од тоа што не добивме ‘Оскар’. ‘Американска фабрика’ е одличен документарен филм и сосема е во ред што го добија ‘Оскарот’. Не треба да влегуваме во размислување за некои теории на заговор, дека ‘Оскарот’ е добиен поради тоа што зад филмот стои брачниот пар Обама, но јасно е дека оние кои гласале секако биле малку пристрасни кон филм кој е американски“, рече Георгиев на прес-конференцијата.
Според Георгиев, искуството со филмот и тоа што стигна до Холивуд му покажало дека во животот ништо не е невозможно и дека секој треба да биде мотивиран да го живее својот сон за да успее.
Членовите на екипата уште долго нема да се вратат во Македонија поради нови работни ангажмани.