Во предворјето на црквата „Света Софија“ вечер, во рамки на „Охридско лето“, концерт ќе одржи виртуозот на хармоника и бандонеон Ришар Галиано.
Со концертот се одбележуваат 5 години успешна соработка на Фестивалот и Францускиот институт Скопје, Амбасадата на Република Франција во Македонија, како и Охридска банка – Сошиете Женерал Груп.
– Галијано, пријател на Пијацола, е голем уметник кој успеа хармониката и бандонеонот да ги донесе од поп музиката во разнобојниот свет на класичниот оркестар. Концертот на кој ќе настапи заедно со Тангариа Квартет е насловен „Вечер на танго“, вели селекторот на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска.
Галиано во текот на својата долга музичка кариера разви оригинален музички јазик, спојувајќи ги „новиот мизет“, Танго нуево, силата на духовноста на Колтрејн и влијанието на постојано присутната француска традиција на медитерански шансони.
– Инспириран и восхитен од својот пријател Астор Пјацола, креаторот на Танго нуево, Галиано, успеа не само да го направи ова, туку со својот стил на „новиот мизет“ да вдахне нов живот во целата француска традиција, која изгледаше како да има застанато на едно место. Неговата убедливост, мајсторството на фразирањето и способноста да извлече широк спектар тонски бои од хармониката, придонесоа за рушење бариери и правење жанровски пресек со овој инструмент, додава Јосифова Неделковска.
Воден од желбата да го пренесе своето богато искуство, Галиано со помош на татко му Лусјен, воведува метод на учење хармоника со кој ја освои наградата на САЦЕМ (Друштво на автори, композитори, уредници во музиката) за најдобро педагошко дело во 2009 година. Во 2010 година, Ришар Галиано потпишува ексклузивен договор за снимање со признатата издавачка куќа Дојче грамофон од Универзал.
Претходните години на Охридско лето концерти одржаа Квартетот Ардео и Камерниот оркестар „Тулуз“ со диригентот и солист Жозеф Андре и пијанистот Антонио Сорија. Публиката уживаше и во Шопеновата вечер со пијано уметникот Жером Гранжон.