Француска графика во галеријата „Остен“

Од:

Во галеријата „Остен“ денеска беше отворена изложба „Француска графика“ на која се претставени 38 дела на сликари од Франција. Изложбата е дел од активностите со кои деновиве се одбележува Светскиот ден на франкофонијата и за посетителите ќе биде отворена до крајот на месецов.

Ја организираат „Остен“, Националната комисија на франкофонијата на Република Македонија и Асоцијацијата на архитектите на Македонија.

Изложени се графики, цртежи, литографии на Масон, Делонеј, Годар, Видалон, Тобијас, Пињон, Кудрен… од богатата колекција на галеријата „Остен“. Поставката ја отвори амбасадорката на Франција Лоренс Оер, а за француската графика се осврна македонскиот сликар Глигор Чемерски.

Амбасадорката Оер истакна дека со изложбата се одбележува заедничката историја и уметност што ја споделуваат Македонија и, како што рече, земјата заштитничка на уметноста – Франција.

– Изложени се голем број дела на француски уметници на кои им се восхитуваме. Набргу се планира и една многу поголема изложба, во рамките на Деновите на Европа, на која ќе бидат изложени делата на Вазарели и на други уметници. Станува збор за долгогодишна и богата соработка и уште повеќе ќе ја збогатуваме преку уметничките фондови на Франција. Искрено се надеваме дека Франција ќе има можност да изложи што повеќе дела и така таа подобро да се запознае, рече Оер. Таа најави и многу активности идната година кога Францускиот институт ќе одбележи 40 години постоење.

Македонскиот ликовен уметник Чемерски и честиташе на галеријата „Остен“ за избраните графики кои, како што рече, го освоиле. Истакна дека изложбата ги презентира творбите на француската сликарска авангарда, како Анре Мино, чии ремек-дела восхитувале на Сен Жермен, или Жорж Брак, за кој рече дека заедно со Пикасо ја изменил оптиката на цел 20 век – „херојскиот период на сликарството“.

– Во овие дела е духот и здивот на големите мајстори… Се работи за извонредно рафинирана, суптилно избрана колекција на „Остен“, кој е редок пријател и негувач на цртежот и графиката во едно време во кое тие, за жал, кај нас се запоставени, рече Чемерски.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје