Вчера вечер во Струмица беше отворен деветтиот интернационален филмски фестивал „Астерфест“. На свеченото отворање беше врачено признанието „Астер“ за високи достигнување во авторскиот филм на годинашниот добитник, словенечкиот режисер родум од Скопје Карпо Година, а на германскиот синеаст Ларс Хенрик Гас му беше врачено почесното признание за вонсериски достигнувања во полето на краткиот филм.
Фестивалот го отвори и наградите ги врачи градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.
– Искрено се надевам дека во наредните пет дена, од овој специјалитет наречен „Астерфест“, со задоволство ќе се насладуваат и најпребирливите љубители на духовната храна. Уверен сум дека на тој начин сите ќе бидеме сведоци дека „Астерфест“ успешно го искачува и деветтото скалило во намерата да го достигне струмичкото ѕвездено небо од каде што се отвара видикот кон сите филмски соѕвездија од магичниот универзум.
– Ако и овој пат сме сведетели на евидентниот прогрес и растеж на ова наше културно чедо, тогаш неминовно ќе биде да заклучиме дека Астерфест е успешна приказна, вредна за почит.
– „Астерфест“ на најдобар можен начин докажува дека и малите фестивали можат да бидат големи по својата мисија, дека и нискобуџетните фестивали можат да имаат високи стремежи и високи дострели, рече градоначалникот Заев во своето обраќање.
Официјалната натпреварувачка програма на годинашниот „Астерфест“ кој завршува на 5. јуни е групирана во три категории со по седум филмови, а љубителите на филмот ќе можат да уживаат и во богатата ревијална програма.