Во центарот на градот, точно на она место на кое некогаш се наоѓало првото кино на браќата Манаки во Битола, денес отпочна изградбата на долго најавуваното кино „Корзо“.
Средствата за изградба на киното се од буџетот на Општина Битола.
„Овде одиме директно со пари од буџетот на Општина Битола, тие пари ни се веќе обезбедени, завршена е целата постапка со одобрение за градба. Овој објект треба да биде од нас ,од граѓаните, од општинските средства, бидејќи ова не го прави градоначалникот,ова не го прави Советот на Општина Битола, ова го прават граѓаните на Битола“, рече градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески.
Обновата на киното ќе се одвива во две фази. Во првата градежна сезона ќе се завршат две третини од самата изградба, а во втората фаза – финализација на проектот: внатрешниот дел на салата, која се планира да има 150 седишта, и опрема, која според градоначалникот Талески ќе биди најсовремена, технички-технолошка од светски рамки.
„Киното ќе има физички димензии како претходното и ќе го има значењето во многу поголеми рамки од што некогаш го имало. Објектот ќе биде на 2 ката – киносала со галериски простори. Вредноста му е околу половина милион евра, односно 30 000 000 денари“, вели Талески.
Преку овој проект ќе се заокружи една целина, заедно со интернационалниот фестивал „Браќа Манаки“, ќе им се оддаде почит, вели Талески, онака каква што заслужуваат првите кинематографери на Балканот, браќата Манаки.
На прашање од страна на еден од присутните новинари околу можна постапка за времена мерка од страна на еден од внуците на браќата Манаки, кој и претходно го оспоруваше проектот, градоначалникот одговори:
„Општина Битола работи сериозно. Доколку имало некои спорни работи, а немаше, ќе беа завршени. Ние имаме одобрение за градба и отпочнуваме со обнова на киното ’Корзо‘ на браќата Манаки“.