Вчеравечер со концертот на групата Дадо Дганит (Daddo Dganit) од Израел во Македонската филхармонија, свечено беше отворено 39. издание на фестивалот Скопско лето, кој традиционално почнува на 21 јуни – Светскиот ден на музиката, но и најдолгиот ден од годината.
На свеченото отворање на овој фестивал, присуствуваше и градоначалникот Шилегов, кој официјално го прогласи за отворен.
„Вечерва одбележуваме 39 години од култниот фестивал Скопско лето. Овој фестивал прерасна во симбол на културниот живот и обележје на нашето Скопје. Манифестација којашто растеше секоја година и полека, полека ги надрасна границите на нашиот град, но нема да биде поголема од Скопје, бидејќи Скопје е единствено, меѓутоа и станува полека еднаква по својата важност, затоа што оваа манифестација генерациски се врежува во колективната културна меморија на скопјани“, истакна Шилегов.
Тој додаде дека изминатите 39 години скопјани имале можност да угостат светски познати уметници коишто дошле во Скопје и потоа раскажувале и ги споделувале своите позитивни впечатоци од престојот кога ќе се врателе дома. „Бидејќи Скопје е единствено во светот по многу, многу карактеристики, а ние скопјаните најдобро го знаеме“, кажа Шилегов.
Во своето обраќање Шилегов нагласи дека овој фестивал се издвојува од другите заради тоа што ја вади уметноста надвор од стандардните простори, на необични локации како Марков Манастир, Старата скопска чаршија, Калето, старите скопски маала, каде што организаторите нудат извонредно богата понуда за љубителите на културниот туризам.
Скопско лето веќе 39 години на нашиот град, во летниот период, му нуди забава со низа домашни и странски, премиерни и специјални проекти и гостувања, музички, филмски, театарски, ликовни и други естетски доживувања како на скопските сцени, така и на отворените простори. Градот Скопје ги поканува скопјани и гостите на Скопје да бидат дел од уште едно возбудливо издание на „Скопско лето“, кое е препознатлив културен белег на нашиот град и на Република Македонија.