Вчеравечер, 23 јуни 2015 година, во Градскиот парк , Младинскиот културен центар и Македонската филхармонија го реализираа осмото издание на традиционалната манифестација „Види музика – слушни слика – добиј книга“.
Организаторите на настанот, Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар, годинава го претставија фасцинантниот проект „Бродвеј под ѕвездите“ кој во една вечер пред публиката ги донесе вокалните и инструменталоните хитови од најпознатите филмувани мјузикли, како „Валкан танц“, „Телохранител“, „Чикаго“, „Волшебникот од Оз“, „Кралот и Јас“, „Ох, Кеј“, „Мала ноќна музика“, композиции кои одамна се сметаат за џез-стандарди на големите музички мајстори како Гершвин, Роџерс, Арлен, Хамерстајн или Сандхајм. Публиката имаше можност да ги слушне и увертирите „Кандид“ на Бернштајн и „Смешно лице“ на Гершвин, како и еден симпатичен сплет од најпознатите хитови на легендарната шведска поп група „Аба“.
Македонската филхармонија настапи под диригентство на маестро Борјан Цанев, додека солист на концертот беше популарната вокалистка Сара Костадиновска , која музичката публика ја познава како Сара Мејс.
Следејќи ја традицијата, и овој пат на огромни платна, со димензии 12 х 3 метри, покрај сцената инспирацијата од музиката ја пренесоа двајца ликовни уметници, односно сликарите Милан Андов и Стојан Ѓуриќ.
На настанот на многубројната публика им беа поделени и 20 илјади примероци од книгата „Фигури“ од новелистот и поет, Јан Неруда, еден од најистакнатите ликови во литературните кругови во Чешка во втората половина на 19.век.
Јан Непомук Неруда (1834-1891) е чешки публицист и писател, воедно и една од најистакнатите личности во чешкиот културен живот во втората половина на XIX век. За негово најдобро дело се смета збирката раскази „Приказни од Мала Страна “ (1878) во која е опишан животот во чешката наслеба Мала Страна врз осова на неговите сеќавања од деството коешто го поминал таму. Во книгата се опишани типичните фигури на чешкото граѓанство, односно преку хумор се доловени нивните карактеристики и локалниот живот во населбата.
Новелата ФИГУРИ е дел од книгата „Приказни од Мала Страна“ која за првпат на македонски јазик е објавена во 2011 година во издание на Македонска реч.