Вчеравечер, во Салонот на Македонската опера и балет, со Гала оперски концерт, свечено беше отворено 35-то издание на една од најголемите културни Манифестации во Скопје и земјава, „Скопско лето 2014“.
На свеченото отворање присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, којшто и официјално го прогласи за отворен овој 40-дневен фестивал.
– Со препознатлив ентузијам и посветеност, пред 35 години, на 21 јуни – календарскиот почеток на летото и Светскиот ден на музиката, Дирекцијата за култура и уметност ја започна долгата историја на “Скопско лето”. Веројатно неочекувајќи дека, и покрај упорноста и истрајноста, овој фестивал ќе прерасне во културно обележје и симбол на уметничкиот живот во нашиот град, перфекционистите на Дирекцијата ни докажуваат дека за уметноста не постои ни време ни простор како ограничувачки фактор. Во изминативе три ипол децении, преку внимателно избраната програма на “Скопско лето”, настапија огромен број на изведувачи и ансамбли, понудувајќи и ја на љубителите на уметноста својата изведбена виртуозност и творечка енергија во различни жанрови и уметнички правци во областа на музиката, театарот, филмот, литературата, ликовните уметности, како и мултимедијалните перформанси и спектакли што им додаваат духовна содржина на отворените градски простори кои вообичаено се користат за секојдневните потреби на граѓаните, како и простори неманети за настани од областа на културата, што во летниот период се помалку ангажирани. На овие бројни настапи особено се потсетуваме годинава кога одбележуваме 70 години од ослободувањето на Скопје, односно од почетокот на самостојниот развој на Македонија и градот Скопје.
– Постоењето на фестивалот „Скопско лето” е важно затоа што во текот на 40 дена, во веројатно најтоплиот период од годината, успева да го привлече вниманието на публиката што е гладна за уметнички настани, да задржи во градот значителна група скопјани, како и да го привлече вниманието на странските посетители, на градски локации со специфична историска и естетска вредност: од Матка до Марков манастир, од Старата скопска чаршија до падините на Водно, како и на веќе познатите простори за уметничка интерпретација.
– Дел од програмите на Скопско лето, што особено радува, и оваа година ќе се одвиваат и на улиците и во објектите на Старата Скопска чаршија, односно во едни од најрепрезентативните објекти и споменици на културата во Скопје, по избор на менаџментот на фестивалот, но и како варијанти со задоволство прифатени од уметниците, а особено од публиката, истакна градоначалникот Трајановски и прогласувајќи го фестивалот за отворен им посака на граѓаните 40 дена исполнети со култура и уметност.
Во организација на МОБ, на Гала оперски концерт настапија солистите, хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, под диригентско водство на Бисера Чадловска, солистички настап имаа: Славица Петровска – Галиќ, Весна Ѓиновска – Илкова, Благица Поп Томова, Цветан Стојановски, Ирена Кавкалевска, Зоран Сотиров, Владимир Саздовски, Павлина Новакова – Георгиев, Сандра Митровска, Катерина Стојановска, Марика Поповиќ и Oлгица Милевска.
Во Националната галерија на Македонија – Мала станица, половина час пред отворањето во МОБ, беше отворен и мултимедијалниот проект на Гоце Наневски, насловен како МО(НУ)МЕНТ.
Во рамките на првиот фестивалски ден беа реализирани повеќе културни содржини поместени на повеќе локации во Скопје. Од 11 часот до 20 часот во Централното градско подрачје со настап на уличните музичари во организација на Универзалната сала од Скопје, симболично беше прославен првиот ден од летото или Светскиот ден на музиката. Целодневниот настап беше насловен како Музиката како енергија на населението или – Fetê de la Musique- .
Вечерва, во 21 часот, во новиот објект на Македонскиот народен театар ќе се одржи концерт на Бурхан Очал и Хусну Шенлендириџи – Турција (“Burhan Öcal’s Istanbul Oriental Ensemble feat. Hüsnü Şenlendirici”). Целовечерниот концерт ќе биде реализиран во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје.
Во понеделник на 23 јуни 2014 годинаво централното градско подрачје од 20 часот до 24 часот, во соработка со ДЛУМ, ќе се одржи ликовен перформанс со наслов -Скопски урбани приказни „Метаморфоза“-. Учесници се: Исмет Рамиќевиќ, Јовица Мијалковиќ, Филип Фидановски, Ели Аиновска, Деспина Крстевска, Гордана Вренцоска и Јана Манева Чупоска. Во 21 часот, на Плоштад „Скендер бег“, ќе се одигра театарската претстава „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Бесфорт Идризи, а во продукција: Aлбански театар – Скопје.
Град Скопје од Буџетот за реализација на Манифестацијата Скопско лето 2014-та одвои 1.800.000 денари, фестивалот финансиски го поддржува и Министерството за култура, а организатор и реализатор на настаните е Дирекцијата за култура и уметност-Скопско лето.