По повод десетгодишнината од основањето на фондацијата „Маја Бикова“, вчеравечер во безистенот во Штип беше отворена изложба на графики и цртежи од Маја Бикова.
Изложени се над 40 графики и цртежи на прерано починатата Маја Бикова, кои нејзината мајка ги подари на Градскиот музеј во Штип.
Фондацијата „Маја Бикова“ е основана со цел да ги афирмира младите графичари и да овозможи презентација на нивните клишеа. Покрај многубројните работилници и изложби што ги организира оваа фондација, оваа година донираше и графичка преса, која ќе биде поставена во градскиот музеја и ставена на располагање на сите млади таленти што се занимаваат со уметност.
Маја Бикова е родена во Штип, дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, а година по дипломирањето се запишува и на постдипломски студии по историја на уметноста.
За време на својот краток живот, Маја Бикова реализирала една самостојна изложба, а учествувала и на повеќе ликовни колонии и меѓународни изложби за графика во светски рамки.