Тим македонски археолози, предводени од професорот Драги Митревски, интензивно работат на археолошкиот локалитет Билазора во с. Кнежје близу Свети Николе.
Според Митревски, станува збор за еден од најзначајните раноантички локалитети во Македонија и единствен од ваков вид во Средна Европа.
Изминатиов период археолозите работат на доистражување на т.н. владетелска палата од 4 век п.н.е, односно на отворениот двор (атриум) со колонади и уште на неколку нови простории кои се открија годинава.
Со ова, вели Митревски, се истражени 70 проценти од целата палата, а остатокот допрва ќе се ископува.
– Тоа што досега е пронајдено се објекти за јавна употреба, трпезарија, влезна дворана, култен простор, а на останатиот неистражен дел се очекува да се откријат станбени простории.
Ѕидовите на палатата се украсени со фреско-декорација, а од движните наоди има садова керамика, парчиња од алат, стрели, накит и друго, вели Митревски.
На Билазора се работи повеќе од триесет години, но сеопфатни систематски истражувања се прават во изминативе години, кои се концентрирани на откривање на просторот на т.н. акропола на локалитетот.