Во галеријата „Лауба“ во Загреб, вечерва, во 19 часот ќе се отвори изложбата „Есенција на егзистенцијата“ на која се застапени 25 македонски современи уметници. Изложбата е во организација на Националната галерија на Македонија.
„Есенција на егзистенцијата“ е уметнички концепт кој се обраќа кон разни сфери од секојдневието, од животот, постоењето, перцепции кои од различен аспект приоѓаат кон суштината на ентитетот, на опстојувањето, на функционирањето. Тука се опфатени генезата на љубовта, духовноста, храната…, a под овој дискурс се пронаоѓаат и инстанците на достоинството, идеологијата, политиката, социјалата.
Вообичаено, кога станува збор за тематика поврзана со егзистенцијата, неизбежен е Сартр и егзистенцијалистите кои говорат за апсурдноста на социо-општествените феномени, т.е. апсурдноста на есенцијата во егзистенцијата. Критичките ставови за секојдневното егзистирање во делата од изложбата „Есенција на егзистенцијата“ може да се исчитуваат и во контекст на рефлектирање на долгогодишната „неподнослива тешкотија на постоењето“, како парафраза на насловот на ултра познатиот роман од Милан Кундера, „Неподнослива леснотија на постоењето“, и нудат различни поими за борбата за (не)можно емотивно/емоционално егзистирање во рамки на репресивите општествени системи.“, стои во текстот по повод изложбата.
Овој концепт со општ призвук ќе ги опфати аспектите на триесетина македонски современи уметници кои на диверзни начини реагираат на егзистенцијалните принципи користејќи различни медиуми за визуелна експресија – од класични: сликарство, графика, скулптура, преку инсталации, објекти, фотографија, па се до видео проекции, дигитални принтови, перформанси, звучни инсталации…
Селектираните уметници Исмет Рамичевиќ, Методи Ангелов, Атанас Ботев, Вана Урошевиќ, Ирена Паскали, Александар Станковски, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Марија Сотировска, Дијана Богдановска, Игор Сековски, Славица Јанешлиева, ОПА, Михаела Јовановска, колектив Зеро, Димче Димески, Игор Тошевски, Гоце Наневски, Дарко Алексовски, Крунислав Стојановски, Зени Балажи, Мирна Арсовска, Зорица Зафировска, Александар Спасоски, Жанета Вангели во својот творечки вокабулар користат елементи кои соодветствуваат со главниот дискурс на концептот, секој од нив допирајќи ги точките на есенцијалностите на егзистенцијата на различни начини и од различни перспективи. Со овој тематски пресек, се надеваме и веруваме дека ќе дадеме еден можен аспект кон разгледување на македонската современа уметност.
Куратори на изложбата се Ана Франговска, Маја Чанкуловска Михајловска и Горанчо Ѓорѓиевски.
Истата изложба ќе биде отворена во декември 2015 во Националната галерија на Македонија.