Филозофски филмски фестивал во Кинотека од денеска до 16 мај

Од:

Во Кинотеката вечер ќе биде отворен 9. Филозофски филмски фестивал (ФФФ) со „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс во ревијалната програма, заедно со излагање на тема „Патувањето како потрага по нашиот идентитет“ на Марјан Вујовиќ од Југословенската кинотека во Белград.

До 16 мај ќе бидат прикажани 40-ина филма на фестивалот кој, според организаторите, нуди поинаква перспектива на гледањето филм зашто ја истражува трансдисциплинарната област од пресекот меѓу седмата уметност и филозофијата.

На ФФФ има две натпреварувачки програми – за долгометражен филм во трка се шест остварувања кои ќе се прикажуваат од 10 до 15 мај: „Наме“ во режија на Заза Калваши; „Дишење во мермер“ на Гиедре Беинориуте; „„Градина“ на Питер Шранјер; „8 минути и 19 секунди“ – бугарски омнибус инспириран од прозата на Георги Господинов; „Крадци на гулаби“ на режисерот Осман Наил Доган и „Стикс“ на Волфганг Фишер. За нив ќе одлучува тричлено жири, во состав: Милчо Манчевски, Бошко Караџов и Дејвид Сорфа.

Во две вечери, на 13 и 14 мај, ќе бидат прикажани 19 кратки филмови во натпреварувачката програма за краток филм. Меѓу нив се и два македонски – „Почетокот“ во режија на Агим Абдула и „Кога нè нема“ на Стефан Палитов. За двете натпреварувачки програми ќе бидат доделени по две награди „Златен був“ – од жирито и од публиката.

Во ревијалната програма се седум филмови за кои ќе има тематски излагања на шестемина гости на фестивалот: Марјан Вујовиќ од Југословенската кинотека во Белград; академик Катица Ќулавкова од МАНУ; Наум Трајановски, докторанд на Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науки во Варшава; Кристине Бриеде, режисерка од Летонија; Габриела Калчи Новати, визитинг-професор на Тринити колеџот во Даблин и Дејвид Сорфа, професор за филмски студии на Универзитетот во Единбург.

Фестивалот има и богата придружна програма, како и тематска: „Балтичкиот нов бран и поетскиот документарен филм“, а во рамки на едукативната се работилницата за млади „Филозофија и филм“ со професорот Стефан Сидовски и „Фил(м)ософија за деца“ со Јоана Хокен, доктор по филозофија од Франција.

Официјално ФФФ ќе заврши на 16 мај, но од 27 до 30 мај ќе бидат прикажани уште четири филма на Вим Вендерс: „Токио-Га“; „Солта на Земјата“; „Соба 666“ и „Пина“. Инспирација за ретроспективата е книгата на Вендерс „Замислување на мирот: дијалог за перцепцијата“ која преведена на македонски ќе ја објави Филозофското друштво на Македонија, кое е вклучено во организирањето на ФФФ.

Дел од филмовите од годинашниот фестивал од 20 до 23 мај ќе бидат прикажани во Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола.

Би можело да ве интересира

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ