Второто издание на фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива“ ќе се одржува од утре до 12 октомври во Универзална сала – Скопје. Под мотото „Погледни подалеку“, од 10 часот до полноќ посетителите ќе можат да учествуваат на осум работилници, да погледнат театарска претстава и концерти.
Отворање ќе биде одбележано со презентација на првата македонска компјутерска игра „Освојувањата на Александар Велики“, дело на графичкиот дизајнер и аниматор Елена Попова, програмерот Сандра Николовска, а музиката е на Дуња Иванова.
Директорката на Универзална сала Вера Бошковска на денешната прес-конференција информира дека организатори на овој проект се Град Скопје, Универзална сала и Соларис продукција од Скопје.
Според неа, младите скопјани ќе имаат можност да ја покажат својата креативност и иновативност за создавање специјални производи и услуги.
Миодраг Костиќ од Соларис продукција рече дека фестивалот е дел од проектот „Платформа за развој на креативни индустрии“, што се реализира цела 2013 година. Овој проект, како што рече, има цел да едуцира, промовира и создава конкретни производи и услуги од млади луѓе од Скопје и од Македонија.
Фестивалот е поделен во три дела, едукативен, изложбен и забавен. Во едукативниот дел или на работилниците ќе се создаваат производи кои ќе бидат презентирани на последниот дел од фестивалот. Експо или изложбениот дел има за цел да промовира иновации и креативни производи. Дел од нив се „Замрзнувачко шише“, иновација на Зоран Мијаков од компанијата „Фригомонт“, а ќе бидат презентирани дизајн на огледала од вулкански масиви во изведба на компанијата „Гоговски“, уникатни парчиња дизајнерски мебел на две македонски компании „Смарт ливинг“ и креативното студио „БТС Арт фактори“, нови дизајни на „Велосипеди по мерка“ на компанијата „Драгон Кастм“, креативни производи на уметникот Зоран Тошевски и скулпторот Александар Ефтимовски.
Во рамки на фестивалот, работат студентите од Архитектонскиот факултет кои имаат за цел да создават уникатен дизајн на позната фонтана пред Универзална сала. Нивниот проект е „Метаморфози“.
Во забавниот дел концерти ќе настапат „Летечки пекинезери“. Последниот фестивалски ден, 12 октомври е резервиран за базарот, на кој ќе настапат македонски креативци-индивидуалци кои ќе презентираат рачно изработени дизајнирани уникати.
Влезот за сите посетители е бесплатен.