Единаесеттото издание на Фестивалот АКТО за современи уметности „ПОП АП АКТО“, по Битола во август и Скопје во септември, денеска и утре ќе продолжи во Штип.
– Третата фаза од фестивалот ќе се одвива на неколку штипски локации, како КУЦ Текстил и Радио кафе Канал 77, а содржини ќе има и во Народниот театар Штип и паркот „8 Ноември“. Програмата на „ПОП АП АКТО“ во Штип ќе се надоврзе на темите отворени во Битола и Скопје, во однос на политичката моќ на колективите и важноста на заедничкото делување, соопшти Фестивалот.
Фестивалската програма во Штип вклучува работилници, изложба, јавна дискусија, театарска претстава, музички настапи… Програмата ќе почне со сликање на панели во рамки на изложбата „Колективна одлука – Уметноста и работата“ на студенти од Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Изложбата ќе вклучи и уметници кои се занимаваат со темата работа и состојбите на работни услови, а ќе зборува и за желбата за подобрување на условите на уметничката продукција и за статусот на самиот уметник.
На првата фестивалска вечер ќе биде изведена и претставата „Будење на пролетта“ во продукција на Интимен театар од Битола.
Фестивалот е организиран од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат и е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД. По Штип, фестивалот АКТО во ноември ќе продолжи во Тетово.