Културниот центар „Феникс“, утре, 20-ти мај, со почеток во 19 часот, организира Фестивал на македонската сатира.
Почетокот ќе го означи изведбата на претставата „Еци, пеци, Лец“ според текстови на Станислав Јержи Лец, а во изведба на сатиричарот и стендап – комичар Марјан Анѓеловски.
Со тоа, во рамките на Културниот центар „Феникс“, покрај веќе постоечкиот Театар за деца и млади „Бајка“, свечено ќе биде отворен и ќе започне да работи и Театарот за возрасни „Сатир“.
По изведбата на сатиричната театарска претстава, ќе настапат поголем број најистакнати македонски сатиричари, а на авторот Васил Толевски ќе му биде врачена наградата „Македонски Сатир“ за сатирично творештво и придонес во сатирата.
Фестивалот на македонската сатира ќе заврши со промоција на повеќе сатирични книги во издание на Издавачката куќа “Феникс“ и тоа: „Неисчешлани мисли“ од Станислав Јержи Лец, „Јавни тајни“ од Софе Штерјоски и „Прирачник за менаџери“ од Ефраим Кишон.
Инаку, Фестивалот на македонската сатира се планира да биде традиционален, Театарот „Сатир“ веќе започна да ја подготвува и својата следна сатирична претстава, а предвидено е и објавување на повеќе сатирични џебни изданија во издание на Издавачката куќа „Феникс“.
А.Б.