Фестивал на изведувачки уметности и добри практики на тема „Бидете креативни, бидете интерактивни, бидете интеретнички“ ќе се одржи на 19 септември во Младинскиот културен центар во Скопје.
Фестивалот е резултат на четиригодишните креативни работилници на средношколци од Македонија во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и има за цел да го зајакне учеството на младите во меѓуетничкиот дијалог во училишната средина и да ја зголеми граѓанската свест и почитувањето на човековите права меѓу младите во Македонија.
Фестивалот ќе понуди богата едукативна и забавна програма, а ќе бидат презентирани примери и добри практики на неформално образование, можности за креативно изразување, како и начини на директна работа со младите.
– На Фестивалот ги покануваме сите граѓани да дојдат и да видат добри практики и добри примери во рамки на училиштата затоа што тие практики сакаме во јавноста да ги споделиме и да дознае дека имаме навистина потенцијал кај младите кои тоа го истражуваат. Ќе има можност на Фестивалот да видите како младите преку тие креативни процеси можат заедно да соработуваат, да комуницираат и да продолжат да живеат заедно, истакна Џевахире Пруси Зајази, координатор за информирање на јавноста и заедниците во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.
Фестивалот го организира Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование.