Во Националната галерија објект „Мала Станица“, вечерва ќе биде отворена самостојната изложба на младата мултидисциплинарна уметница Мила Добревска „Ескапизам: Меморијата и идентитетот”.
Мила Добревска (1999, Скопје), неодамна магистрираше на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија со специјализација во современ мозаик. Таа е активен член на Друштво на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ и МАРТЕ Асоцијацијата за современ мозаик.
Досега младата македонска уметница имала бројни групни изложби и учество на натпревари на интернационално ниво, од кои ги издвојува презентациите на нејзините дела во Италија, Франција, Шпанија, Србија, Полска, Словенија и Македонија: Националниот музеј на Равена, Manica Lunga- Biblioteca Classense во Равена, Teatro Sperimentale во Пезаро,
Националната уметничка галерија Чифте амам во Скопје, Музејот на современа уметност во Скопје, Паратисима во Торино и „Chapelle du lycée Fulbert“ во Шартр, Франција. Добревска има реализирано три самостојни изложби од кои првата беше во МКЦ, Скопје во 2022 година, а во 2024 година ги реализираше изложбите во галеријата „Пионери Арт Платформ“ во Барселона и во „Св. Станислава институтот“ во Љубљана, Словенија.
Во програмската белешка за изложбата кураторот Стефан Александар Јовановски вели: „Обредите, традициите и начинот на славење отсекогаш биле дел од нашата културна и лична приказна. Тие не само што ги поврзуваат генерациите, туку претставуваат и форма на ескапизам – моментална пауза од секојдневието и бегство во светот каде што симболиката, редот и заедничкото ја надминуваат индивидуалната реалност. Ескапизмот е универзална човечка желба да се оддалечи од барањата на реалноста и да се најде прибежиште во имагинацијата, соништата и моментите на блаженство. Без разлика дали тоа е преку краткотрајна мечта, ритамот на танцот или живописните шари на народната традиција, ескапизмот ни овозможува моментално да го надминеме обичното и да се поврземе со нешто поголемо – нашето внатрешно јас, со културните корени или дури и со
нашите најголеми фантазии“.
Стефан Александар Јовановски истакнува дека самостојната изложба на Мила Добревска „Ескапизам: меморија и идентитет“ го истражува човековиот копнеж за ослободување преку живи, емоционално наполнети дела инспирирани од македонското наследство и модерната интроспекција. Во делата на Мила, Јовановски појаснува дека: „Ескапизмот станува мост меѓу минатото и сегашноста. Македонските традиции, како орото или сложените дезени на везовите, со генерации служеле како бегство, нудејќи радост, заедништво и отпорност во тешки времиња. На сличен начин, нејзините смели и контрастни
композиции нè повикуваат да размислиме како денес создаваме моменти на занес – преку уметност, имагинација или саморефлексија. Делата на Мила одекнуваат со живописни бои и текстури, црпејќи инспирација од народниот вез и колективната енергија на македонската култура. Овие елементи се испреплетуваат за да ја прикажат двојноста на ескапизмот – мали паузи на задоволство или големи мечтаења полни со надеж. Делата не се само визуелно уживање, туку и покана за размислување: Дали ескапизмот е само бегство, или е и пат за рефлексија и лична трансформација? Како традициите, кои некогаш биле прибежиште, стануваат дел од нашиот модерен идентитет? Што значат обредите и уметноста во контекст на современите човечки „занеси“?“ – вели кураторот Јовановски.
Изложбата на младата уметница Мила Добревска е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и КомшиLOOK. Во поканата за публиката Мила Добревска додава дека по отворањето на 16. декември во 20 часот, делата проткаени со уметност, истражување и интроспекција на „Ескапизам: Меморијата и идентитетот” што ќе ве инспирираат да ги прегрнете сопствените бегства ќе бидат изложени до 22 декември во галеријата „Мала Станица“.