Емоции, насмевки, солзи – публиката пееше заедно со Амира

Од:

Една од најдобрите интерпретаторки на севдалинките, Босанката Амира Медуњанин, синоќа приреди концерт за паметење во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Црквата „Света Софија“ беше премногу тесна за да ја прими многубројната публика што дојде да ужива во ангелскиот глас на Медуњанин која со голема леснотија си поигруваше со модерното и традиционалното изведувајќи босански севдалинки, но и македонски и српски песни.

„Мој дилбере“, „Све птициче запјевале“, „Ој голубе, мој голубе“, „Што те нема“, „Ах шта чемо љубав крити“, „Твоите очи Лено мори“, „Јовка Кумановка“, беше само дел од репертоарот што ја задржа публиката два часа во црквата, а на крајот од концертот, пријатната атмосфера беше заокружена со песната „Шта то беше љубав“ која членовите на Амира триото ја изведоа во спомен на нивниот колега Оливер Драгојевиќ кој почина неодамна.

Посетителите на концертот пееја заедно со уметниците, возвраќаа на емоциите, а имаше и такви кои пуштија и по некоја солза импресионирани од изведбата на севдалинките, но и допрени од содржината на песните.  Извонредниот вокал за кој меѓу присутните можеше да се слушне дека пее како славеј, по завршувањето на концертот рече дека ја заобиколила целата планета благодарение на нејзините настапи, но никаде не се почувствувала толку убаво како во Охрид и Македонија. Доказ за тоа беа и нејзините солзи при емотивната интерпретација на синоќешната програма.

– Навистина имам некаква поврзаност со оваа земја. Според потеклото немам ништо, но сум убедена дека во претходниот живот сум живеела овде, на овој простор. Музиката и луѓето се неверојатни. Толку големо срце, човек тешко може да најде на друго место. И кога ја добив првата покана да гостувам во Македонија, плачев од среќа како мало дете. Целиот мој живот пеам македонски песни, но никако да дојдам овде. Таа прва посета беше волшепство. И еве ме, повторно овде. Интерсот како и претходниот пат кога гостував на „Охридско лето“ е огромен. Но најважно од се’ е што дојдоа толку луѓе и што на сите ни беше убаво, некои пееја со нас, а некои пуштија и по некоја солза. Тоа е непроценливо.  За мене, тоа се работи за кои вреди да се живее и да се пее, изјави Медуњанин.

Оваа уникатна вокалистка е една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина. Нејзината богата дискографија која ја издава во соработка со познати светски издавачки куќи, постојано добива одлични критики,а музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарекува „босанската Били Холидеј“,алудирајќи на начинот на кој Амира Медуњанин се „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма