Експлозивен уметнички продукт во режија на Бојан Кртолица

Од:

На покана од Паратиссима Скопје, меѓународниот фестивал за современа уметност, македонскиот мултимедијален уметник Бојан Кртолица/BAIKA (студио за дизајн и видео продукција), кој живее и работи во Париз сними видео спот за песната „Десет“ од најновиот соло албум „Метропол“ на исклучителната Теа Шалдева – Галатеа (Galatheia).

Она што е уште поголем куриозитет е што видеото е снимено во рамките на работилница, која ја организираше Кртолица и на која и предходеше конкурс на кој беа избрани седум учесници, студенти, кои режисерот директно ги инволвираше во процесот на подготовка и снимање на видеото.

Студентите имаа прилика од искусниот режисер да научат и на дело да погледнат како изгледа процесот на пишување сценарио, подготовка на видео, директно да работат на изготвување на сценографија, шминка и да погледнат како тоа докажаниот директор на фотографија и снимател Гого Клинчаров го забележа со својата камера видеото.

„На поканата од Паратиссима Скопје, да се претставам како артист на фестивалот, одговорив дека повеќе би сакал да направам нешто ново и од заемен интерес, отколку да се прикажуваат веќе постоечки мои дела. Не чувствував никаква потреба од ретроспектива или повторување. Предложив да организираме работилница за продукција на видео спот. Да снимиме видео за локален артист, да пренесеме искуство и знаење на една нова генерација млади и креативни луѓе наедно и поддржувајќи ја домашната независна сцена.

Во три работни дена: прв ден – пишување сценарио, втор – подготовки, и трет – продукција, снимивме видео за песната „Десет“ од новиот албум на Галатеа (Galatheia), „Метропол“. Од петнаесет, учествуваа седум пријавени, по пат на селекција, што сметав дека е неопходно како процес, во име на нивната понатамошна мотивација и учество во проектот.

Сите учесници покажаа огромна посветеност и интерес, што се одрази директно и на самиот финален продукт. Сметам дека ова е одличен пример за потенцијалот на идеите, наспроти минималните средства и услови,
и процесот на нивната реализација. Случајно налетав на еден прирачник од Горан Стефановски, за пишување драми, кој се вика „Мала книга на стапици“, и една вежба ми остана во сеќавање, која оди вака: „Замисли си еден коњ, со сета негова анатомија, мускулатура, боја, движење.

Имај го пред себе во главата. Сега обиди се да го нацрташ истиот. Не многу ќе успеат да се доближат до сликата која ја имаат за коњот во главата. Оваа дистанца (дупка), меѓу замисленото (идејата за коњот) и оствареното (цртежот), е нашата способност, да преточиме една идеја во дело. Колку таа дистанца е помала, делото ќе биде налик идејата и обратно“. Ова беше една од основните “стапици” во оваа вежба. Свесноста за нашиот капацитет и граници е есенцијална за нашиот понатамошен напредок“ вели Кртолица.

Во ова видео се претопуваат искуственото и професионалното со младешкиот креативен импулс, краен резултат е експлозивен уметнички продукт. Кртолица произведе видео за кое ќе треба првин да седнете пред да почнете да го гледате, а истиот е направен со минимален буџет.

Фотографиите ги потпишува Ивана Тасев

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска