Во книжарницата Литература.мк вечер во 19 часот ќе биде промовирана „Ѕвездено дете“- прва сликовница на сликарот Ване Костуранов, кој е комплетен автор на ова издание – на текстот и на илустрациите. Ова е нов творечки израз на познатиот уметник чии ликовни дела на изложбите привлекуваат многу посетители. Сликовницата ја објави „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Ликот од насловот е Ѕвездан, кој живее меѓу ѕвездите и е мајстор за ѕвезди: ги поправа кога ќе престанат да светат, пловејќи меѓу нив со своето бротче. Исплашен од помислата некоја ѕвезда да не падне, Ѕвездан доаѓа до големо откритие, што понатаму ќе го одведе до нешто сосема неочекувано…
– Се работи за една нежна, ѕвездена приказна, која зборува за осаменоста, желбите, љубовта, и за тоа како грижејќи се за другите најдобро се грижиме за себе. Главниот лик се вика Ѕвездан, кој е инспириран од мојот син Максим, а приказната е инспирирана од една негова игра. Уште пред скоро осум години, кога ни се роди првото дете Ава, знаев дека еден ден ќе направам сликовница за деца. Очигледно беше потребно долго време да се наредат ѕвездите, да созрее идејата, и да се охрабрам да нурнам во непознатото. Среќен сум што испливав кон брегот со оваа сликовница во раце. Уживав во секој момент создавајќи ја, изјави Костуранов за МИА.
Тој е ликовен уметник и графички дизајнер. Роден е во 1979 година во Струмица и е самоук сликар кој активно се занимава со сликарство 15-ина години и досега имал 11 самостојни и повеќе групни претставувања. Изложбата „Улица љубов“ пред три години во Младинскиот културен центар имаше голем интерес од публиката и од колекционери, а авторот стана препознатлив по издолжените разнобојни куќи – најчестиот мотив што се провлекува низ неговото творештво. Дали го продолжува тој тематски циклус, вели – не размислува на теми, туку е понесен од емоциите.
– Се трудам да не размислувам на теми и циклуси, туку да ме води потребата да ги истурам емоциите на платното. Некогаш се сиви, некогаш колоритни, но секогаш се искрени, додава Костуранов.
Книгата вечер ќе ја промовира Билјана Црвенковска, писател и уредник на литература за деца и млади во „Арс Ламина – публикации“.