Музичкиот спектакл на џез квартетот „Форплеј“ ќе го отвори годинашното 57. издание на најреномираната културна манифестација во Македонија – фестивалот „Охридско лето“, кој ќе се одржува под мотото „Патот до магијата“ и со ново лого.
Елизабета Канческа Милевска изјави дека Република Македонија и нашата културна престолнина, градот Охрид годинава ќе бидат домаќини на над 300 врвни уметници, изведувачи и автори од 20 земји од целиот свет, од Кина, Индонезија, САД, Холандија, Италија, Руската Федерација, Австрија, Канада, Полска, и други земји и со задоволство го најави музичкиот спектакл на џез квартетот „Форплеј“, кој во својата интерпретација вклучува елементи на Ар-енд-Би и поп музика, а со кој фестивалот свечено ќе биде отворен.
– Квартетот кој во последните години ја воодушевува светската јавност со своите истражувања во откривањето на безграничните димензии и пермутации на џезот, на Антички театар ќе настапи заедно со оркестарот на „Македонската филхармонија“ под диригентската палка на Емин Џијан. Уверена сум дека на 12 јули на Античкиот театар ќе бидеме сведоци на едно несекојдневно уметничко доживување, кое ќе ја освои и стручната јавност и македонската публика, рече Канческа Милевска.
Директорот на фестивалот Оливер Арсовски истакна дека годинава имаат подготвено атрактивна, квалитетна и возбудлива програма со над 50 настани – музички, драмски и балетски претстави, но и новитети со кои ќе се обидат да го задржат епитетот на високо реномиран евроспки фестивал. Тој го претстави и новото лого на фестивалот кое го сочинуваат четири елементи – Самоиловата тврдина, маската, брановите и харфата изработено од уметникот Томе Колев од Агенцијата „Оватион Адвертаизинг“, како обид за осовременување на фестивалот.
– Од оваа година со професионалноста и умешноста на новите селектори внесовме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознае стручната критика и нашата верна публика, нагласи Арсовски.
Новиот селектор на драмската програма на Охридско лето, Зоран Љутков истакна дека годинава ќе понудат четири претстави од домашни театтри, од кои три премиери и четири претстави од меѓународната сцена, при што акцентот ќе биде ставен на трите премиери на македонските театри.
Станува збор за претставите „Човек, ѕвер и крепост“ (18 јули) од Луиџи Пирандело на Театарот Комедија во режија на Нени Делместре, „Кралот Лир“(30 јули) од Шекспир во изведба на Турскиот театар од Скопје во режија на Диего де Бреа, како и „Сон на летната ноќ“(5 август) исто така од Шекспир во режија на американскиот режисер Вон Блондел а во изведна на Битолскиот театар. Театарот од Велес Ј.Х.К- Џинот“ репризно ќе ја изведе претставта „Ана Комена“(20 јули) од Сашо Димоски.
Од гостувањата тоа се настапите на Камерниот театар 55 од Сараево со претставата „Жаби“ (15 јули) која е приказна за луѓето и времето во кое живееме, „Отело“ во продукција на Театарот на бугарската армија од Софија, концертното шоу „Меџик нешнл“ во режија на Јон Карамитру во продукција на Националниот театар од Романија. Публиката ќе има можност да ја види и претставата „Пијани“ од Иван Вирипајев, еден од најизведуваните современи руски и европски писатели во режија на Борис Лијешевиќ, кој се издвојува меѓу најактуелните балкански режисери, во продукција на Ателје 212.
Во музичкиот дел програмата ја селектираше Ѓорги Цуцковски, кој истакна дека фестивалот ќе ја задржи сериозната музика како главен печат, но ќе понуди и жанровско збогатување, светски мега спектакли и ансамбли кои премиерно гостуваат на балканските простори. Покрај џез спектаклот за отворањето на фестивалот, се воведуваат и џез вечери, потоа гостувањето на Рок Симфони и Влатко Стефановски, како и ЕЛК Камерен оркестар од Кина.
Фестивалската публика ќе има можност да проследи и настапи на домашни реномирани уметнички институиции и солисти (Оркестарот на Македонска филхармонија, Камерниот оркестар на МММ, виолинистите Блиерим Груби, Климент Тодоровски, Костадин Богдановски,…)
– Прв пат програмата ќе понуди рекордни 38 музички настани во чија изведба ќе учествуваат повеќе од 270 уметници, рече Цуцковски кој е избран за нов селектор на музичката програма.
Инаку, програмата на Охридско лето годинава се соопштува три месеци пред почетокот на фестивалот, а тоа е како што нагласи директорот Аросвки, дел од неговите заложби за поголема домашна и меѓународна промоција, со цел потенцијалните туристи и гости од Европа и регионот кои ќе го посетат Охрид да бидат навремено запознаени со програмските содржини за да можат да ги проследат.
Според организаторите на фестивалот, годинава предвидена е и офф-програма со концерти и изложби која дополнително ќе биде соопштена.