Во чест на вечерашното отворање на 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (од 20 часот) во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ ќе бидат отворени две ликовни изложби.
Од 19 часот во ликовната галерија на Центарот ќе биде отворена изложбата на дела од прилепскиот уметник Васил Костов, а од 19:30 часот во галеријата „Борко Лазески“ при Центарот за култура е самостојната изложба на Марјана Костојчиноска Узунчева.
Изложбата на уметникот Костов е ретроспективна и ги зафаќа речиси сите периоди од неговото богато и долго творештво. Костов работи во повеќе техники и е и сценограф, графичар, акварелист, скулптор.
Костов досега имал бројни изложби во земјава и странство, Член е на ДЛУМ и добиотник на повеќе награди и признанија, меѓу кои и 9-то септемвриската награда на градот Прилеп.
Во галеријата „Борко Лазески“ уметникот Маријана Костојчиноска Узунчева ќе ја отвори зиложбата „Пејзажи на душата“. Нејзините дела се колажи на платно или на дрвена подлога, а творештвото, според начинот на изразување припаѓа на енформелот.
Костојчиноска Узунчева член е на ДЛУМ и на „Цаса ди Данте Ассоциатион“ – Фиренца, Италија, има богато искуство на предавач, а досега се претставувала во повеќе градови во земјава и во странство.