Прилепската театарска претстава „Делириум тременс“ освои две награди на 14. Интернационален фестивал на монодрамата „Алба моно“ кој се одржа во Корча Албанија, соопштуваат од Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп.
Монодрамата е работена по текст на Благоја Ристески Платнар во режија и со актерско остварување на Игор Трпчески ги освои наградите: за најдобра машка улога што ја понесе актерот Игор Трпчески и специјална награда од мрежата на европските театарски асоцијации – НЕТА.
Според актерот Трпчески задоволството е големо да се добие признание за својата работа.
Во монодрамата се случува „театар во театар“. Претставата ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално – етичките дилеми, кои се појавуваат кај секој од нас, вели Трпчески.
Претставата е копродукција на „Театарска работилница“ од Прилеп и на театарот „Војдан Чернодрински, а проектот е финансиран од Министерството за култура.
Одлуката за наградата за најдобра машка улога за Игор Трпчески ја донесе интернационалното жири на фестивалот „Албамоно“ во Корча во состав Благоја Стефановски, Ахмед Јакупи и Замира Кита.
На 14. издание на фестивалот на монодрамата пред публиката прикажани осум претстави од Албанија, Косово, од Русија, Гора, од Србија и од Македонија.