Два атрактивни концерта на денешната програма на „Охридско лето“

Од:

Програмата на 57-то издание на Фестивалот „Охридско лето“ за денеска предвидува две музички содржини – концерт на најуспешните учесници на меѓународниот семинар за виолина, виола и камерна музика на Емилио Перцан, како и концертот на руското дуо Александар Рам на виолончело и Ана Одинцова на пијано.

Веќе воспоставена практика е во рамки на фестивалот „Охридско лето“ да се организираат завршни концерти на најуспешните учесници на Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што од 2009 година се одржува под раководство на виолинистот Емилио Перцан. Семинарот првите три години се одржуваше на Истра, во Хрватска, а од 2013 година се одржува во Охрид во организација на Музичката младина на Македонија, со поддршка на Министерството за култура. Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија.

Вечерва пред фестивалската публика со концерт од 17 часот во „Света Софија“ ќе се претстави азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева. Таа има дипломирано и магистрирано со почести на Музичката академија во Баку (Азербејџан), а продолжува да се усовршува на Универзитетот „Фолкванг“ во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач. Гулиева е добитничка на повеќе награди, меѓу кои прва награда на Фестивалот за млади пијанисти и награда за Најдобар пијано-соработник во 1999 година. Како солист настапува рецитално и со симфониски и камерни оркестри, а е официјален пијано-соработник на мајсторските курсеви на Мстислав Ростропович, Табеа Цимерман, квартетот „Форе“ и др.

Музичката вечер на „Охридско лето“ во „Света Софија“ продолжува во 20:30 часот со концертот на руското дуо Александар Рам на виолончело и Ана Одинцова на пијано.

Александар Рам е еден од најнадарените и најбараните виолончелисти на неговата генерација. Неговиот стил е комбинација на виртуозност, длабока проникливост во авторската мисла, емотивен набој, јасна артикулација и индивидуалност. Рам е носител на сребрен медал на Интернационалниот натпревар „Чајковски“ (Москва, 2015 година), како и на бројни награди на други музички натпревари како Третиот интернационален натпревар во Пекинг, Првиот национален натпревар во Москва (2010) и до денешен ден е единствениот руски виолончелист кој стасал до финалето и бил лауреат на престижниот натпревар за виолончелисти „Пауло“ во Хелсинки (2013).

Роден е во 1988 година во Владивосток. Александар Рам дипломира и магистрира на Московскиот конзерваториум во класата на Наталија Шаховскаја, по што продолжува да студира на Високата школа за музика „Ханс Ејслер“ во Берлин под менторство на Франс Хелмерсон. Александар Рам настапувал во бројни градови во Русија, Англија, Германија, Литванија, Шведска, Австрија, Финска, Јужна Африка, Јапонија, Франција и Бугарија, во едни од најубавите концертни сали во светот.

Тој соработува со значајни диригенти на денешницата, како Владимир Спиваков, Валериј Гергиев, Владимир Јуровски, Михаил Јуровски, Александар Сладковски и Валериј Полјански. Оваа сезона ќе настапи во Филхармонијата во Париз, ќе дебитира во Кадоган хол во Лондон со Валериј Гергиев и ќе го изведе Вториот концерт од Шостакович во Белград под диригентската палка на Михаил Јуровски.

Ана Одинцова е родена во 1990 година во Москва, а дипломира на Московскиот конзерваториум „П. И. Чајковски“ во класата на Наталија Трул во 2014 година. Носител е на повеќе награди и признанија, како Втора награда на Германскиот натпревар за пијано во Ерланген и награди на натпревари за млади пијанисти во Вилнус и Москва. Во 2012 година заедно со виолончелистот Александар Рам победува на натпреварот за камерно дуо во Шведска, а во 2015 година е наградена како најдобар пијано-соработник на натпреварот „Чајковски“ во Москва. Како солист, претставник на Куќата на музиката во Санкт Петербург, има настапувано низ Русија, Шведска, Австрија, Шпанија, Италија, Финска, Франција и Бугарија. Настапите со оркестар вклучуваат соработки со Естонскиот симфониски оркестар, Литванскиот симфониски оркестар, Филхармонијата во Самара и Московскиот камерен оркестар.

На програмата се Соната за виолончело и пијано во А-дур на Франк, Свита за соло виолончело на Касадо и Сонатата за виолончело и пијано Оп.65 на Бритен.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма