Друштвото на писателите на Македонија утре ќе ја одбележи 66-годишнината од основањето. На свеченоста што ќе се одржи во седиштето на македонската писателска асоцијација ќе бидат врачени наградите за најуспешни книжевни дела објавени во 2012 година.
Носители на признанијата се: Весна Ацевска, добитник на наградата „Ацо Шопов”, за најдобра поетска книга, Лидија Димковска, добитник на наградата „Стале Попов” за најуспешна прозна книга, Иван Ивановски, добитник на наградата „Димитар Митрев” за најдобра книга критики и Панде Манојлов, добитник на наградата „Ванчо Николески” за најуспешна книга за деца. Наградите ќе ги врачи Раде Силјан, претседател на ДПМ.
На свечениот собир по повод јубилејот, за местото и улогата на македонската писателска асоцијација ќе зборува Веле Смилевски, претседател на Собранието на ДПМ. Дваесет и двајца истакнати македонски писатели ќе добијат благодарнци за педесетгодишно членување во Друштвото на писателите на Македонија. Благодарниците ДПМ ги доделува во знак на признание за осведочените вредности на писателите и за влогот во опстојувањето на најбројната и најстара асоцијација на уметници во Република Македонија.
Друштвото на писателите на Македонија е формирано во 1947 година и до сега во него членувале 450 писатели од сите генерации. Прв претседател на ДПМ беше Блаже Конески.