Првата премиера во рамки на драмскиот дел на годинешното „Охридско лето“ ќе се игра вечер, со изведбата на претствата „Ждрело“, по текст на Жанина Мирчевска, во режија на Зоја Бузалковска, а во изведба на Драмскиот театар од Скопје.
Директорот на Драмскиот театар, Роберт Вељановски за претставата истакна дека е продолжение на интенциите на институцијата да изведува текстови на домашни автори.
– Драмски промовирал големи имиња на македонската драматика и во континуитет, следејќи го концептот на куќата и оваа година настапува на „Охридско лето“ со драмски текст на домашен автор, рече Вељановски.
Режисерот Зоја Бузалковска за „Ждрело“ истакна дека е амалгам на повеќе жанрови, сложен материјал, текст возбудлив, како за режирање, така и за актерска игра.
– За поставката беше потребно да се избере силен, како авторски, така и креативен тим. Текстот на авторката е универзално значаен, поеднакво актуелен и кај нас и во светот, во секоја урбана точка оттаму што се занимава со порокот на потрошувачката психологија која на моменти се издигнува на ниво на идеологија, истакна Бузалковска.
Главната улога во претставата ја толкува Рубенс Муратовски, кој за работата на овој текст рече дека за него претставува најнеобичниот процес што досега го работел.
– Исклучително тешко е да се навлезе во драматиката на авторката Мирчевска, навлегувањето во тестот бара поинаков пристап, примањето на текстот за свој како дел од моја ДНК, одеше многу потешко, токму поради посебноста на авторскиот израз, рече Муратовски.
Тој додаде дека токму сложеноста на улогата, тежината на материјата, за него претставува дополнителна радост што ја носи работата на секоја нова улога оној, како што рече, најубав дел од животот на актерот, од првата проба до премиерата.
„Ждрело“ е трагикомедија за алчноста на материјалистичко-лакомиот свет кој е присутен глобално. Главниот лик има необичен проблем – тој е постојано гладен и со ништо не може да ја задоволи својата глад. Голта сe околу себе и во таа конзументска агонија, го „јаде“ дури и своето име. Јазикот е гротескен, ликовите се подложни на брзи пресврти, темите се безброј.
Текстот зборува и за тоа колку човештвото секојдневно, со сервирање на „животниот стил“, го доведува во прашање омиленото мото – помалку е повеќе.
Претставата ќе се игра на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во стандардардниот термин од 21 часот.