Драмски театар одбележа 50 години на „Шекспирова“

Од:

Во пресрет на 70 години постоење во 2016-та, Драмски театар-Скопје денеска одбележа половина век од работењето на улица „Шекспирова“ во Карпош 2. Објектот, во кој на 4 март 1965 се вселил ансамблот на тогашниот Драмски младинско-детски театар, бил изграден со средства донирани од Владата на Велика Британија, во екот на солидарноста за помош на градот разурнат од земјотресот во 1963 година.

Театарската зграда била отворена со претставата „Богомилска балада“ – драматизација на романот „Она што беше небо“ од Владо Малески, во режија на Тодорка Кондова-Зафировска. Со прологот од таа претстава денеска почна свеченоста за 50-те години од домот на ДТС, кој од 1946 до сместувањето во објектот речиси 19 години творел на други сцени.

Директорот на ДТС Роберт Велјановски рече дека театарот постојано имал улога на предвесник на безмалку сите модерни театарски исчекори во Македонија.

– Оформувањето на куклената, а подоцна и младинската сцена, успешното негување на македонската драматика, внимателно избираните драмски текстови од класичната и од современата светска драматика, чувството за актуелност на драмскиот текст, давањето можност на младите режисери со специфичен современ сензибилитет, како и бескрајната грижа за негување, одгледување и развивање на актерскиот потенцијал на ансамблот – се одликите кои со макотрпна, но и длабоко обмислена работа го поставуваат Драмскиот театар на пиедесталот како најуспешна театарска куќа во Република Македонија, рече Велјановски.

Гостите на свеченоста ги поздрави британскиот амбасадор Чарлс Гарет кој рече дека е среќен и горд што неговата земја му донирала театар на Скопје.

– Секогаш сум многу задоволен кога ќе видам позитивни резултати од работата меѓу нашите земји. Обединетото Кралство е голем поддржувач и пријател на Македонија, и сум горд што мојата земја помогнала на една ваква значајна културна институција, како што е Драмскиот театар. Горд сум што мојата земја можеше да биде солидарна со Македонија и да помогне во развојот на еден сектор од нејзиното општество, рече Гарет и цитираше изјава на тогашниот британски амбасадор Вилсон, кој пред 50 години присуствувал на кревањето на завесата во објектот на Драмски.

По повод јубилејот, ДТС прикажа филм (Драмски – театарот од соништата) по сценарио и режија на Никола Поповски, во кој за оваа национална установа раскажуваат тогашниот директор Ристо Стефановски, актери, режисери, драмски автори: Милица Стојанова, Љубиша Геогриевски, Мите Грозданов, Слободан Унковски, Горан Стефановски, Мето Јовановски, Љупчо Тозија, Благој Чоревски, Јордан Плевнеш, Петар Темелковски, Силвија Стојановска, Сабина Ајрула, Коле Ангеловски, Богомил Ѓузел, Сашко Насев, Златко Славенски, Сенко Велинов, Драган Спасов-Дац, Јелена Жугиќ, Сашо Миленковски, Венко Андоновски, Билјана Беличанец-Алексиќ, Дејан Лилиќ, Рубенс Муратовски и Роберт Велјановски.

Филмот е сведоштво за назјачајните развојни етапи на ДТС, за култните претстави кои го обележале неговиот подем (како Покојник, Јане Задрогаз, Еригон, Диво месо, Чија си…), за наградуваните, за актерите кои придонеле во она што е Драмски денес.

„Солунски патрдии“ е претставата која најдолго се изведувала (со иста актерска екипа) на сцената на ДТС „Чија си“ во 1991 ги урнала рекордите на посетеност, а за актеот Ненад Стојановски (1952-1998) беше речено дека е една од најголемите легенди на Драмскиот театар.

Заклучно со синоќешната изведба на претставата „Последните Македонци“, ДТС од 4 март 1965 имал 10.519 претстави, 339 премиери и 2.951.297 гледачи. Ги добил сите релевантни награди од културата во Македонија и значајни театарски признанија во регионот: 11 на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, 26 на Стериино позорје во Нови Сад и четири на МЕСС во Сараево.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје