Драмски театар Скопје на 11 октомври ќе гостува на Меѓународниот фестивал „Јоакимфест“ во Крагуевац кој се одржува од 7.10. до 12.10.2022г. со претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ – „Се викам Горан Стефановски“.
Оваа година „Јоакимфест“ го бележи своето 17-то издание под слоганот „Хармонија на различноста“, а учество земаат театри од Р. Србија, Р. Северна Македонија, Р. Босна и Херцеговина и од Р. Словенија.
Режисер на претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ – „Се викам Горан Стефановски“ е Бранислав Миќуновиќ, долгогодишен професор на Факултетот за драмски уметности во Белград и Цетиње, а драматург е Бранислава Илиќ, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград.
Претставата е авторска адаптација од изборот на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски напишани во периодот од 1987 до 2021 година („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“).
Сценограф на претставата е Александар Дениќ, автор на музиката Влатко Стефановски. Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.