Драмски аматерски фестивал во Кочани од 26. до 31. мај

Од:

Четиринаесет  претстави (осум домашни, две странски и четири детски) се во официјалната програма на 50. Драмски аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани, кој ќе се одржува од 26-ти до 31 мај. Годинава за учество биле пријавени 46 претстави, што е рекорден број бидејќи никогаш не надминал 40.

Актерката Звездана Ангеловска, селекторка на фестивалот, и неговиот извршен директор Благоја Пенов, се задоволни од големиот одѕив, но и од професионализмот на пријавените ансамбли (големи и камерни), иако се работи за фестивал на аматерски театар. Задоволни се е и што театарскиот аматеризам посебно се негува во драмските секции на средните училишта, па и на годинашниот фестивал ќе има амбициозни претстави на средношколци – од „Св. Климент Охридски“ од Охрид, „Јосип Броз-Тито“ и „Никола Карев“ од Скопје, „Димитар Влахов“ од Струмица и „Богданци“ од Богданци.

– Оваа година имаме мошне богата програма, не само по бројот на претстави, туку и по содржинската разновидност. Во изборот се водев од оригиналноста на идејата, современото читање на текстот, од нивната професионалност, иако се аматери, но се идни актери и режисери. Имаме претстави од македонски драмски автори, од класиката и алтернативни. Силна е конкуренцијата и пријатно сум изненадена од големиот интерес за аматерски театар во Македонија, и покрај тоа што некои продукции  немаат услови и простор за работа, рече денеска на прес-конференција Ангеловска.

Претставите ќе се изведуваат на сцената на Центарот за култура „Бели мугри“, во термините од 20 часот (класични), од 22 часот (алтернативен театар), а во дневните термини (детски претстави). Фестивалот во понеделник ќе биде отворен со осврт за драмскиот аматеризам во Македонија во изминатите пет децении, насловен „Живи драмски слики“ и со доделување благодарници.

Странски претстави ќе бидат на Аматерско позориште „Јанко Чеман“ од Пивнице, Србија, и на Аматерски театар „Пјонти Вимјар“ од Воломин, Полска, а од домашните театарските групи, ќе учествуваат: „Без маска“ од Битола, Аматерскиот театар на Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани, Летачка театарска трупа-Тетово и претставите на петте средни училишта.

Во дневните термини ќе се претстават драмските секции на Центарт за култура „Иљо Антески-Смок“-Тетово, ОУ „Блаже Конески“-Велес, ОУ „Браќа Миладиновци“ од с. Миладиновци, Илинден, Центарот за култура „Бели мугри“-Кочани. Ќе биде изведен и театарскиот проект „Васил Шумански, актер, режисер“ и претставата на СВР Штип, Отсек за превенција. Покрај претстави, ќе има и придружна програма, изложба и работилница за театар.

Седумте награди – Гран-при, за режија, за експеримент и четири за улоги, ќе бидат соопштени на 31 мај, кога во чест на наградените ќе биде изведена „Грев или шприцер“ на Драмски театар-Скопје. За наградите ќе одлучува жири во состав: Сашко Насев, Силвија Стојановска и Љупчо Георгиевски.

Извршниот директор Благоја Пенов рече дека ДАФ успешно го продолжува својот континуитет од 1961, кога е основан најпрво како биенален фестивал (до 1969). Тој ги покани вљубениците на сценската уметност идната седмица да бидат во Кочани. Рече дека салата е во старо руво, но техниката е добра.

Актерот Петар Арсовски, претседател на Управниот одбор на ДАФ, истакна дека фестивалот уште од првата година откако е тој на функцијата, го пленил со ентузијазмот и желбата на младите, од кои голем процент потоа се студенти на Факултетот за драмски уметности.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура (600.000 денари) и од Општина Кочани.

Би можело да ве интересира

Жителите на Кочани ја добија битката: Советот донесе одлука да не се депонира отпад од други општини на градската депонија

Катерина Ѓуровски

Комунални возила од други општини не ја поминаа блокадата кон депонијата кај Кочани

Левица: Крмов бара проблемот со загадувањето во Кочани да се најде пред пратениците

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Мртва жена со повреди била донесена во болница