Драма театарот од Љубљана го затвора „Охридско лето“

Од:

Со театарската претстава „Figurae veneris historiae“ на Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски и продукција на Словенечкиот национален драма театар од Љубљана вечерва ќе биде затворено годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“.

Авторот Стефановски за неговото дело вели дека сложениот наслов на драмата крие многу проста порака дека има нешто порнографско во историјата особено кога ќе дојде до големи колежи, со светските војни како круна на политичката порнографија.

– Историјата не врти, гнечи на многу начини… Темите за теророт на историјата, за баналноста на злото, секојдневието што не притиска и не фаќа во стапицата на голо преживување, емоционална уцена, им ги соблекува гаќите на луѓето и многу често го сведува нашиот однос на вулгарни препукувања и на јазик на пцости…Во таквиот пеколен казан сите копнееме по човечки збор, по нежни допири, по поезија, вели Стефановски.

Според режисерот Поповски, фестивалската публика ќе има можност да гледа настап на еден од најдобрите ансамбли што постои на Балканот, односно ансамбл што со неверојатна дисциплина, кондиција и смелост влегува во најразлични проекти.

– Преку извртената приказна за војната, за човечкото, за природата во човекот во услови на константна војна, претставата зборува за недопирливото, за емитовните делчиња, суштината на човештината што останува во нас во такви воени виори…, вели Поповски.

Драматургот на претставата Дарија Домингош оценува дека текстот им дозволува на сите актери подеднакво да имаат учество во претставата, оти нема мали и големи во поставката.

Претставата „Figurae veneris historiae“ ќе се игра на сцената на Долни Сарај, со почеток од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање