ДПМ одбележа 80 години од раѓањето на Петре М. Андреевски

Од:

Редок мајстор на перото, голем маг на пишаниот збор, препознатлив, автохтон, примечив, близок на времето во кое живееме, со едноставна, необременета филозофија, поет, раскажувач, романсиер, драмски писател,…, творец кој остави неизбришливи траги во современата македонска литература.

Ова е дел од речта за Петре М. Андреевски што беше прочитана денеска на свечениот собир во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) по повод 80-годишнината од неговото раѓање.

– Во обемното дело на овој автор ја препознаваме изворноста и убавината на македонскиот јазик, зашто тој на обичниот збор му даде длабока содржина, дух и смисла, а нам, на неговите верни читатели, ни завешта пораки во кои се препознаваат традиционалните вредности на литературата, преточени низ современ и модерен израз, истакна претседателот на Собранието на ДПМ Раде Силјан, отворајќи го собирот.

Со своето богато поетско, раскажувачко, романсиерско и драмско творештво, Андреевски, како што напомена Силјан, изврши силно влијание врз профилирањето на вкусот на македонските читатели. Неговата литература на зналец има стаменита основа која е во допир со животната реалност – љубовта и смртта, човечките трауми, болки и дилеми, национален вознес.

– Делата на овој автор се во директен контакт со крупни и значајни процеси во целокупниот македонски духовен простор. Неговиот поетски опус, според естетската носивост и тематско-мотивска определба, спаѓа во редот на најоригиналните остварувања во модерната македонска литература. Поемата „Дениција“ и романот „Пиреј“ станаа мерник за нашите современи литературни вредности, со нив Андреевски прерасна во волшебник на убавиот македонски збор и создаде четива со силни, возбудливи, трогателни содржини и пораки, посочи Силјан.

Лирските дела на Петре М. Андреевски, додаде, на најубав можен начин ја доразвија почнатата патека на славните претходници – Свети Климент Охридски, Браќата Миладиновци, Григор Прличев, Коста Солев Рацин, Блаже Конески.

– Врз оваа поетска пирамида ја препознаваме длабоката смисла на поезијата, нејзината вкоренетост во македонската почва, но и нејзината разгранетост со силните уметнички пораки. Преку природно наследената богата лексика и дарбата, Андреевски се вреднува во списокот на темелниците и големите подвижници на современата македонска литература, рече Силјан.

Според него, Андреевски, како никој друг, ги препозна традиционалните вредности на народната култура, ги доживеа и вешто ги вгради во својата поезија која стана синоним за возвишени литературни чувства, идеали и човечки побуди. Појдовна точка во обликувањето на поезијата му беше и народната песна што ја прифати како гесло во животот.

– Петре М. Андреевски како поет од висок ранг ја имаше моќта да ја осознае силата на народниот говор и на јазикот да му даде широка плавност и димензија. Неговите дела ги рецитираат учениците, студентите, професорите, ја обожуваат вљубените. Тие се омилени и за пејачите и композиторите со истенчен вкус. Често го цитираат обичните луѓе, но и политичарите и историчарите особено кога сакаат со гордост да кажат дека „ние, Македонците, сме како пирејот“, подвлече Силјан.

На собирот по повод јубилејот, беа читани и стихови од делата на Андреевски, а беше прикажано и 12-минутно видео од архивите на Македонската телевизија кое 40 години не е емитувано. Во него Андреевски зборува со Снежана Липковска за наградата „Браќа Миладинвци“ што ја доби за збирката „Дениција“.

Петре М. Андреевски е роден 1934 година во Слоештица, Демирхисарско. Претставник е на третата генерација современи македонски писатели. Со значајниот опус што го создаде, овој автор испиша еден од магистралните текови во домашната литература. Романите „Пиреј“, „Небеска Тимјановна“, „Скакулци“, „Тунел“, „Последните селани“, како и стихозбирките „Дениција“, „Пофалби и поплаки“, „И на небо и на земја“, „Јазли“, „Вечна куќа“, книгите со раскази „Седмиот ден“, „Неверни години“, „Сите лица на смртта“ и „Боеми“, книгата драми со „Време за пеење„ и „Богунемили“, како и стихозбирките за деца „Шарам барам“ и „Касни порасни“, се само дел од ризницата што ја остави зад себе.

Андреевски беше член на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонската академија на науките и уметностите. Во еден мандат беше и претседател на Македонската писателска асцоијација. Остави неизбришливи траги и во македонското новинарство и музичкото творештво како долгогодишен автор и уредник на драмската секција и музичата програма на Македонската телевизија.

На денешниот собир во ДПМ, покрај писатели и членови на Друштвото, присуствуваа и ученици од неколку средни училишта во Скопје.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ