Гласот на писателите е во нивните дела, во илјадниците томови создавани и објавувани во изминатите децении кои остануваат да сведочат, преку книжевните вредности, за светогледот на поклониците на пишаниот збор, за нивните погледи и разбирања, за нивните стојалишта, за нивната естетика и филозофија на создавање и живеење, истакна Веле Смилевски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија на свечениот собир по повод 70 години од неговото формирање.
Во преполниот дом на писателите, Смилевски истакна дека е неопходна натамошна афирмација на оние активности кои можат во новата општествена констелација да дадат нов импулс, како што рече, толку многу потребен на полето на културата и културното живеење.
– Во таква атмосфера настојуваме и успеваме да создадеме клима на дијалог и толеранција кои водат кон соочување со важните и неодминливи прашања за статусот на писателот, за неговото место и улога во културните и општествени процеси, за достоен третман на книгата и за заштита на авторскиот труд, рече Смилевски.
Посочи и на значењето на мисијата на литературата и културата во меѓународните релации при што, како што рече, нас во светот глевно не препознаваат преку културата. – Ова непобитно сознание треба постојано да се има предвид во градењето и практикувањето на глобалната стратегија на државата со цел да се изнаоѓа вистинската мерка и соодветен начин за стимулирање и вложување во културата, рече претседателот на ДПМ кое веќе 15 години членува во Европската писателска асоцијација.
Смилевски на 70-тиот роденден на Друштвото на писателите на Македонија посебна почит му укажа на првиот негов претседател и еден од неговите основачи – Блаже Конески, за кој рече дека без сомнение е најблескавата творечка вертикала на македонската литература и култура во втората половина на 20 век. Смилевски, исто така, ги спомна и следните дваесет и тројца претседатели на ДПМ низ неговиот седумдецениски развој, нагласувајќи дека сите тие дале значаен прилог во артикулирањето, осмислувањето и реализирањето на активностите на Друштвото.
ДПМ од формирањето до денес имало 540 членови од различни генерации. Сега во него има триесет писатели кои членуваат повеќе од половина век, но паралелно ДПМ добива и млади членови. Во изминатите шест години, соопшти Смилевски, Друштвото примило 34 млади писатели чија просечна возраст е 28 години. – Извонредно надарени творци, веќе афирмирани на книжевната сцена, со вредни дела за кои допрва ќе се зборува, истакна претседателот на ДПМ.
На свечениот собир тој му додели Повелба на стопанственикот Трифун Костовски кој за 70-те години од формирањето, на ДПМ му донирал 100.000 денари. Повелбата на Костовски му се доделува затоа што ги поттикнува вредностите во културата.
Костовски се заблагодари за признанието и потсети на големото дело на Блаже Конески, основач на современиот македонски јазик. – Тоа е мојот татко на мојот македонски јазик, господинот Блаже Конески, рече Костовски, нагласувајќи дека јазикот е најсуштествената работа. – Како што рекол црногорскиот крал Никола, битка и војна ако изгубиш, не жали, ќе ги вратиш, но ако го изгубиш јазикот, тогаш веќе си изгубил се, додаде Костовски.
На свеченоста им беа врачени и наградите на ДПМ на четворицата писатели чии дела беа избрани за најуспешни во 2016 година.
Наградата „Ацо Шопов“ за поезија ја доби Гордана Михаилова-Бошнакоска, добитник на наградата за проза „Стале Попов“ е Лилјана Пандева, наградата „Димитар Митрев“ за критика и есеистика и беше врачена на Кристина Николовска, а Александар Поповски ја доби наградата за литература за деца „Ванчо Николески“.
ДПМ во текот на цела 2017 година ќе го одбележува својот јубилеј. За 30-те писатели кои членуваат половина век ќе организира посебна манифестација на која ќе биде изложен избор од нивните книги, а ќе им подари и по илјада книги на библиотеките на основните училишта „Блаже Конески“ и „Ацо Шопов“ и на библиотеката на читалиштето „Славко Јаневски“ во Скопје, именувани по основоположниците на македонската писателска асоцијација.
Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 од писателите Васил Иљоски, Блаже Конески, Ристо Крле, Славко Јаневски, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко и Ацо Шопов. ДПМ го издава списанието „Стожер“, а покрај наградите „Ацо Шопов“, „Стале Попов“, „Димитар Митрев“ и „Ванчо Николески“, ги доделува и „Книжевен жезол“ – за поетски опус со високи естетски вредности и „Книжевен мост“ – за дело објавено на некој од јазиците на националностите во Македонија.