ДПМ ги соопшти добитниците на петте годишни награди за 2015

Од:

Друштвото на писателите на Македонија денеска ги соопшти добитниците на наградите за најдобри книжевни остварувања во 2015 година. Оливера Николова за книгата „Кадифената покривка“ е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга, а Славе Ѓорго Димоски за збирката „Јазичен триптихон“ ја доби наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга.

Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга со литературна критика и есеј и припадна на универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска за книгата „Семеен албум“, во издание на „Матица македонска“ од Скопје.  Книгата „Златко-Златец“ од Велко Неделковски е наградена со „Ванчо Николески“, што се доделува за најдобра книга за деца, а наградата „Книжевен мост“, за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Република Македонија му припадна на поетот од турска националност Јусуф Едип за „Прашинка“, објавена паралелно на турски и на македонски јазик.

За доделувањето на годишните награди на ДПМ решаваа пет жири комисии составени од академици, универзитетски професори, критичари, есеисти и автори од сите жанрови.

Јелена Лужина, претседателот на жири-комисијата на ДПМ за доделување на наградата „Стале Попов“ истакна дека конкурирале 16 прозни остварувања.

– „Кадифената покривка“ е провокативна, храбра, неверојатно возбудлива, преку сите граници „заиграна“, маестрално испишана и „чудно“/необично структурирана проза, рече Лужина и додаде дека Николова создала зашеметувачко книжевно уметничко дело.

Николова пред да почне да ја пишува книгата претпоставувала дека заради годините не е во состојба да навлезе во тема која, како што рече, бара преголема младешка енергија и долготрајно истражување. Таа изрази надеж дека книгата ќе донесе нови сознанија и за психологијата на жените убијци кои се третираат во делото.

Милан Ѓурчинов потенцира дека наградената книга на Славе Ѓорго Димоски зрачи со рафинирана зрелост на поетското писмо и додаде оти се изделува од годинашнава поетска продукција како оригинална и впечатлива творба. Димовски потенцира дека „Јазичен триптихон“ е негова 10 книга, различна од сите досегашни поетски книги и додаде оти ја смета за едно од неговите најдобри дела.

Маја Јакимовска Тошиќ потенцира дека книгата на Весна Мојсова-Чепишевска содржи 11 научно фундирани студии на современи и актуелни теми, сврзани со книжевниот и културниот живот на Балканот и на местото на македонската литература и култура во него. За Мојсова-Чепишевска наградата пред се претставува обврска зaшто, како што рече, треба да го оправдате големото име на македонскиот критичар Димитар Митрев, кој е основоположник на современата македонска критика.

За романот за деца „Златко-Златец“, Мито Спасовски подвлече дека поседува високи естетски вредности и додаде оти тоа е своевидно огледало на детството со богатство од случки, со многу секојдневни и несекојдневни доживувања. Наградениот автор Велко Неделковски рече дека ова е негова 20 книга за деца и млади, напишaна и објавена во изминатите 40-тина години.

– Иако оваа награда ми се доделува за конкретно остварување, за романот „Златко-Златец“, ја доживувам како своевидно признание за целокупното мое творештво за деца и млади, потенцира Неделковски.

Бранко Цветкоски, претседател на жири-комисијата за доделување на наградата „Книжевен мост“ на ДПМ, истакна дека поетот со песните од „Прашинка“ воведува пoетско промислување на светот и животот, кое е облагородено од исконската сила на пејзажот. За Јусуф Едип ова е прва награда од ДПМ, каде е член веќе десет години. Тој истакна дека пишува за македонските граѓани кои се иселуваат во Турција.

Наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 12 февруари, на собирот по повод 69-годишнината од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија.

Би можело да ве интересира

Учество на македонски писатели на фестивалот „Словенска слова” во Црна Гора

„Во име на новото“ во ДПМ

Ана Ололовска

ДПМ на вонреден пленум ќе побара одговорност доколку не се отстранат пропустите во Министерството за култура

Ана Ололовска

ДПМ: Македонскиот јазик има дијалекти, но не е никаков и ничиј дијалект

Конкурс за традиционални годишни награди на ДПМ

Ана Ололовска

„Празник на липите“ и врачување на наградите „Книжевен жезол“ на ДПМ

Ана Ололовска