Советот на општина Кочани на денешната свечена седница по повод Петровден, празникот на градот ги додели годинешните награди за животно дело и за особен придонес во разојот на градот меѓу две празнувања.
Наградата за животно дело, постхумно му беше доделена на Константин Апостолов, доктор по микробиологија, член на МАНУ надвор од работниот состав, додека наградата за особен придонес во разојот на градот меѓу две празнувања ја доби Градскиот фудбалски клуб „Осогово“.
Во образложението за добивање на наградата за животно дело, претседателот на Комисијата за доделување награди и признанија Илинка Атанасова истакна дека д-р Апостолов, кој е роден во Кочани во 1933 година, е научник од светски ранг, кој својот живот го посветил на истражувањата во лабораториите во Скопје, во Бирмингем – каде специјализирал електронска микроскопија. Бил предавач и консултант во Институтот за вирусологија во Кралската медицинска академија и во болницата Хамерсмит во Лондон. Апостолов е првиот претседател на асоцијацијата на Македонците во Британија и нејзин почесен претседател до крајот на животот. Почина во Лондон, во 2008 година.
Наградата на Општина Кочани за значајни остварувања за развојот на општината годинава ја доби Градскиот фудбалски клуб „Осогово“ кој во натпреварувачка 2016/2017 година оствари директен влез во Втората македонска фудбалска лига со 20 победи од одиграни 27 натпревари и постигна 63 голови. Оваа награда, за разлика од претходната е парична и изнесува пет просечни плати исплатени во претходните три месеци во Република Македонија.
Во рамките на Петровденските празнувања во црковниот храм „Св великомаченик Ѓорги“ во Кочани се одржа божествена литургија, а во градскиот парк со литија и кршење на славскиот колач митрополитот Брегалнички г. Иларион на граѓаните на Кочани им го честиташе празникот Петровден.