Главното жири на второто издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова Скопје 2017 ги додели наградите од натпреварувачката селекција за први или втори филмови од млади автори од целиот свет.
Како што соопштија од Киненова, жирито наградата за најдобар филм на фестивалот му ја додели на филмот „Фамилија“ на Густаво Рондон Кордова (Венецуела) за неговиот исклучителен талент при претставувањето на приказна за преживување во посебно брутален и насилен свет во кој се наоѓаат обата протагонисти, но и целото општество во земјата каде припаѓаат.
Босанскиот филм „Мажите не плачат“ на Ален Дрљевиќ ја доби наградата „Најдобар режисер“ за, како што посочуваат од жирито, неговото зрело режирање, справувајќи се со најделикатната, историска и психолошка ситуација во која се наоѓаат протагонистите, давајќи ни паралелно чувство на оптимизам и надеж на самиот крај.
Жирито наградата „Најдобро сценарио“ му ја додели на израелскиот филм „Една недела и еден ден“ на Асаф Полонски за исклучително успешното справување со една толку осетлива, тажна и хумана ситуација на еден траги – комичен начин.
„Специјално признание“ на жирито на фестивалот му додели на филмот „Кула“ за користењето на свеж и експериментален израз од страна на режисерот Кит Мајтланд, кој успешно комбинира анимирана, документарна или играна форма на раскажување претставувајќи ни на тој начин значајно драматична тема.
Фестивалот се одржа од 6 до 11 октомври, а главното жири го сочинуваа Горан Марковиќ од Србија, Хулија Учансу од Турција, Синоличка Трпкова од Македонија и Игор Гало од Хрватска.
Жирито, пак, на интернационалната селекција на кратки филмови и на македонската селекција на кратки филмови одлучи првата награда да ја делат два филма – „Британец по божја волја“ од Шон Дан, САД (British by the grace of God by Sean Dunn, USA 2017) и „Ана“ од Марго Зубашвили, Грузија (Anna by Margo Zubashvili,Geоrgia 2017), а специјално признание му додели на филмот „Судир“ на Хонг Хенг Фаи од Макао.
За најдобар филм од Македонската селекција на кратки филмови е „Долго патување до дома“ од Ибер Деари, наградата за развој на сценарио ја доби Јаков Попоски за проектот „Мост“.
Жирито на интернационалната селекција на кратки филмови и на македонската селекција на кратки филмови го сочинуваа Христос Каракапелис од Грција, Катрин Хабиб од Франција и Марија Џиџева од Македонија.