Втората сезона на серијата „Severance“ конечно го доби својот прв трејлер, кој навестува продолжување на слоевитата приказна за корпоративниот дистописки свет.
Серијата, која многумина ја сметаат за најголемиот хит на платформата Apple TV+ во моментов, привлече неверојатно внимание и ентузијазам кај публиката и критиката, а во втората сезона беа вложени речиси 200 милиони долари.
Првата сезона на „Severance“ брзо стана една од најприфатените серии од телевизиската критика.
На Rotten Tomatoes серијата има импресивни 97 проценти, додека на IMDb има просечна оцена од 8,7. Последната епизода од првата сезона има неверојатна оцена од 9,7.
Приказната е сместена во корпоративен свет каде што вработените можат да изберат да вградат уред кој им овозможува да имаат целосен прекин помеѓу работата и приватниот живот. Така, кога ќе влезат во канцеларија, не се сеќаваат на приватниот живот, а кога ќе излезат од работа, забораваат на се што се случувало на работното место.
Иако звучи како идеално решение за оние кои не се задоволни од својата работа, серијата навлегува во длабоки прашања: што се случува со личност која постои само на работа и нема спомени надвор од тој контекст?
Серијата може да се пофали со ѕвездена актерска екипа предводена од Адам Скот и Брит Лауер.
Се појавуваат и Патриша Аркет, Џон Туртур, Зак Чери, Кристофер Вокен и Трамел Тилман. Повеќето од епизодите беа режирани од Бен Стилер.
„Ова е прв пат да работам на втора сезона од која било серија. Претходните проекти секогаш би биле откажани, но со Severance чувствувам дека публиката има очекувања. Нашата цел е да ги исполниме тие очекувања и да останеме верни на нашата визија “, изјави Стилер за Variety.
Втората сезона на Severance ќе излезе на 17 јануари 2025 година. Судејќи според трејлерот, можеме да очекуваме дополнително истражување на сложениот свет кој се развива на границата помеѓу реалноста и дистопијата.