Дигитализиран филмскиот опус на Бранко Гапо

Од:

Дигитализираниот филмски опус и ДВД изданието на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо денеска беше промовиран во Кинотеката на Македонија. Опфатени се играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“, кои се прилагодени и за лица со оштетен слух.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски истакна дека нивна должност и обврска е заштитата на играниот опус на еден од најнаградуваните и најреномираните македонски филмски режисери Бранко Гапо. Потсети дека неговите филмови беа прикажувани низ целиот свет и ја афирмираа историјата, литературата и културата на нашата земја.

– По десет години од неговото физичко заминување, со исклучителна почит го промовираме ова ДВД издание на дигитално реставрираниот игран филмски опус на авторот кој остави траен белег во македонската кинематографија и во зајакнувањето на македонските културни вредности. Филмовите на Гапо се класици и трајно врежани во колективната меморија на нашата современа култура, потенцира Алаѓозовски.

Елеонора Петрова-Митевска, в.д. директор на Управата за заштита на културното наследство информира дека планираат повеќе активности со цел да се приближат до младите. Во првата половина од годинава за средношколците планираат промоција на филмови за браќата Манаки, а за студентите работилница за естетиката во дигитализацијата, која ќе биде проследена со филм од Арсениј Јовков – „Македонија во слики, 1923“.

Владимир Љ. Ангелов, виш филмолог и в.д. директор на Кинотеката на Македонија нагласи дека ова е една од нивните најзначајни активности затоа што е во насока на заштита на филмското богатство и негова популаризација.

– Од една страна имаме дигитализација и реставрација на филмовите на Бранко Гапо, а од друга страна имаме популаризација, односно објавено е едно ДВД издание кое ги содржи сите шест филмови на Гапо, целокупниот опус на се уште најплодниот македонски филмски автор, рече Ангелов. Додаде дека за 2018 година планираат дигитализација на опусот на Кирил Ценевски, еден од столбовите на македонската кинематографија.

На промоцијата присуствуваа францускиот амбасадoр во Македонија Кристијан Тимоние, членови на семејството Гапо, вљубеници и почитувачи на неговото дело и филмаџии.

Би можело да ве интересира

Премиера на детската театaрска претстава „Плашливиот Лав“

Предраг Петровиќ

Светска премиера на симфониската суита „Итар Пејо“ од Филип Иванов

Концерт на Италијаните Мариголд Бокс

Предраг Петровиќ

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд

Предраг Петровиќ

Застрашувачки трилер на Нетфликс: Сè застана на еден час

Предраг Петровиќ

Познатата заводлива русокоса изгледа сосема непрепознатливо

Предраг Петровиќ