„Детски свет“ – проект за креативноста на најмладите на „Охридско лето“

Од:

По повод 12 август – Меѓународниот ден на младите, „Охридско лето“ на фестивалската публика ќе и понуди содржини осмислени и креирани токму од најмладите, како активност насочена за приближување на културата и вистинските уметнички вредности до најмладата публика.

– Преку јавна презентација, со изложби, театарски претстави, музички настапи на фестивалската сцена Долни Сарај ќе се презентира значењето на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата, но истовремено ќе се поддржат промотивните активности на младите кои преку креативни идеи ќе го развијат интересот за следење на културните настани, изјави Сузана Вренцовска, в.д. директор на „Охридско лето“.

На прес-конференцијата по повод презентација на проектната содржина „Детски свет“ најавена за утре, Вренцовска забележа дека се работи за активност што ќе биде од долгорочен бенефит за Фестивалот, но и за Охрид и државата.

– Отворајќи ја сцената на „Охридско лето“ за најмладите, ќе ја всадиме уметноста во длабочината на детската душа, како и почитта кон високите уметнички стандарди, рече Вренцовска.

Проектот го организиираат Центарот „Креативен развој“ и „Арт вивенди“ со поддршка на Министерството за култура. Координаторот Дејан Лилиќ истакна дека проектната идеја за активноста „Детски свет“ произлегла од мноштво идеи, иницирани и осмислени токму од младите.

– Ова е првпат на „Охридско лето“ младите да презентираат нешто што излегува директно од нив. „Детски свет“ е огромен проект, со многу сегменти, а целосната слика цели кон презентација на бендови, млади солисти, уметници пред пошироката фестивалска публика, рече Лилиќ најавувајќи вклучување на младите од регионот во проширениот проект на „Детски свет“.

За презентацијата на уметничкиот израз на најмладите на „Охридско лето“ е резервирана сцената на Долни Сарај со почеток од 12 часот.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма