Дваесетина талентирани ученици од седумте основни училишта во општина Бутел учествуваа денеска на детскиот ликовен ден во рамките на 10. Ликовна колонија „Љубанци 2020“ која ќе се одржува до понеделник, 31 август.
По овој повод, ликовната колонија ја посети градоначалникот на Бутел Велимир Смилевски, кој ја поздрави работата на младите уметници, нагласувајќи дека иако во услови на корона, уметничките дела годинава имаат врвен квалитет.
Додаде дека и детските цртежи се прекрасни и сигурно ќе го стават на мака жирито кое треба да избере само три ликовни творби.
Како што соопшти Општина Бутел, на ликовната колонија „Љубанци 2020“ учествуваат дваесетина ликовни уметници од земјава и годинава само еден од странство – Владан Ранѓеловиќ од Србија, поради мерките воведени за заштита од вирусот.
Активностите на ликовната колонија се одвиваат според протоколите на Комисијата за заразни болести. Организатор е Општина Бутел во соработка со Здружението на ликовни педагози – Скопје.