Дојче веле – Бон
Импозантни столбови, широки улици, џиновски урнатини, античкиот град Палмира, сместен во пустинска оаза, е еден од најимпресивните сведоштва на архитектонската уметност од старите Римјани.
Со децении ги привлекуваше туристите и археолозите, но повеќе не се знае што воопшто остана од некогашната античка трговска метропола. Паравојската на „Исламската држава‟ ја контролира Палмира од мај оваа година. По влезот во градот, екстремистите веднаш почнаа со уништување на храмовите, триумфалните порти и надгробните споменици.
Таа загуба ги вознемири научниците во светот. „Палмира е единствено место, таа е симбол на отвореност и на културните разлики. Беше дел од трговскиот пат кој ја поврзуваше Кина и Источниот Медитеран преку Персија‟, вели директорот на берлинскиот Музеј на Предна Азија Маркус Хилгерт и додава: „Палмира е исклучително важна бидејќи многу добро е зачувана. Затоа загубата на тие убави и добро видливи градби е посебно болна‟.
Екстремистичко уривање
Неодамна екстремистите ја кренале во воздух триумфалната капија стара 18 века. Ја изградиле Римјаните кон крајот на 2 век во новата ера. „Исламската држава‟ уништи два значајни храма Бал и Бал шамин. Американското училиште за ориентални истражувања АСОР објави сателитски снимки кои покажуваат колку е уништена Палмира. „Голем песимист сум кога станува збор за иднината на Палмира‟, рече главниот сиријски археолог Мамун Абдулкарим во едно интервју.
Маркус Хилгерт се плаши дека екстремистите имаат намера да го уништат целото културно наследство во Палмира. Сепак, тој не сака да се помири со загубата. Остатоците од римските градби во Палмира добро се истражени, постојат фотографии и точни податоци. Хилгерт смета дека е можно обновување или барем делумна реконструкција на разрушените градби: „Еден ден јасно ќе видиме колку се тешки рушењата во Палмира и што да направиме со фрагментите кои се уште се таму‟.
Варијанти на реконструкција
Обновата на урнатото може да се одвива во неколку варијанти. Можат да се употребуваат оригиналните делови на градбите кои се зачувани, но можат и да се реконструираат вкупните градби, со користење на нов материјал, како што е случај со реконструкцијата на Берлинскиот дворец. Хилгерт смета дека предуслов за реконструкција во Палмира е да се утврди вистинскиот обем на штетата.
Научниците моментално расправаат за тоа дали со т.н. фотограметриска постапка дводимензионалните фотографии можат да се претворат во 3Д модели. Се размислува и за 3Д печатари. Хилгерт објаснува дека веќе постои технологија која го овозможува тоа, но дека таа мора да се адаптира за потребите на научниците, т.е. за археолошки реконструкции. Тој е сигурен дека таа технологија нема да биде достапна само во САД и Европа, туку и во блиску источните земји.
Иако се уште не е познато до која мера е уништена Палмира, Маркус Хилгерт предлага да не се седи со скрстени раце: „Не сме беспомошни, имаме средства да истражуваме и да создадеме инфраструктура. Имаме морална должност да го направиме тоа, бидејќи нашето знаење го стекнавме во размена со сиријските колеги. Затоа е важно сега да им го вратиме тоа знаење и технологија и да се заложиме за тоа ова културно богатство да не биде изгубено за секогаш‟.