Љубителите на уметноста во недела (21 јуни) од 10 до 21 часот ќе имаат можност да го посетат отвореното студио на меѓународниот центар за уметност „Арт поинт – Гумно“ во демирхисарското село Слоештица, што секоја година го организира уметникот Сергеј Андреевски.
– Четиринаесеттата
Мишел Коноли е уметник со исклучително бујна фантазија и креативна енергија. Нејзините дела произлегуваат од светот на игрите, спонтани се и полни со живот. Застапена е во многу приватни колекции ширум светот. За себе вели дека е уметник, но и промотор на уметност и уметници. Родена е во Велика Британија, живее во Австралија, а врвот на уметничката кариера го достигнува во САД каде што и денес работи како директор на меѓународната ликовна колонија „Без граници“ (No Boundaries, Inc).
Бети Брицељ го прикажува својот сопствен свет, но и своето видување на светот и природата воопшто преку геометриски претстави. Интимниот пристап ја омекнува математичката прецизност на создадената форма, а бојата освен што обојува има функција да пулсира и поврзува. Минатата година, Брицељ имаше успешно самостојно претставување во „Музејот на геометриска и МАДИ уметност“ во Далас, САД. Од Слоештица, таа заминува за Птуј, Словенија, каде што нејзиното видео ќе биде централен настан на отворањето на 13-тиот меѓународен фестивал на современа уметност „Уметноста останува“ (Art Stays).
Јошкин Шиљан доаѓа од Грделица, Србија. Триесетгодишнината од неговото творештво беше обележана неодамна, во павилјонот „Цвета Зузовиќ“ во Белград со голема ретроспективна изложба со наслов „Има ли некој?“ Мотото на Шиљан е: „Производството на радост е производство на иднината; без радост нема иднина!“ Радоста е таа што доминира во неговите слики, а публиката е дел од неа.
Леон Пачет третпат гостува во Слоештица, а возбудата што му претходи на создавањето е секогаш нова, како првпат да ги открива расфрланите гранки низ шумата. Од нив го вади максимумот, ги обликува и оживува. Во тоа е впрочем неговата посебност, информира организаторот на уметничката резиденција во Слоештица.
Проектот почна на 11 јуни и ќе трае до 6 јули. Годинава се одржува со делумна поддршка од Министерството за култура.