Четворица италијански тенори ќе го отворат 62. „Охридско лето“

Од:

Четирите светски познати тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини под диригентската палка на Лоренцо Бицари придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет, ќе го отворат 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“,на 12 јули на Античкиот театар во Охрид.

Ова денеска на прес-конференција го најави директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, потсетувајќи дека врвни светски и докажани уметници годинава ќе испишат уште едно успешно фестивалско издание.

„Нѐ очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата фестивалска програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на „Охридско лето“, маестра Бисера Чадловска, диригент во Националната Опера и Балет и Сања Арсовска актерка од Драмски театар Скопје. На годинешното 62-ро издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Предворје на црквата Света Софија, како и самата Црква Света Софија и Центарот за култура, ќе пречекаме над 1000 уметници од 25 земји“, најави директорката Поповиќ.

Новата селекторка на музичката програма на „Охридско лето“ Бисера Чадловска, издвои неколку настани кои годинава ќе ѝ понудат на публиката прекрасно музичко доживување.

„Годинава ќе настапи камерниот оркестар „Профундис“, кој е еден од поновите македонски состави за камерно музицирање и кој бележи неколку успешни концерти со виртуозни програми. Би го издвоила настапот на Стефан Миленковиќ, уште од дете одлично познат на македонската публика. Врвен светски виолинист кој нема потреба посебно да го претставувам. Неговите настапи на фестивалот се речиси традиција и секогаш предизвикуваат еуфорија кај публиката. На роденденот на „Охридско лето“, ќе имаме можност да го видиме фламенко балетот „Луксурија“, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко танци. Во соработка со Факултетот за музичка уметност од Скопје, ќе се промовираат циклус од осум книги од композиторот и професор Димитрије Бужаровски, кој и самиот во неколку наврати беше селектор на фестивалот „Охридско лето“. Ќе настапи уште еден виолинист, многу добро познат на македонската публика – Шломо Минц. Оваа година фестивалот ќе го затвориме со еден многу посебен настан, посветен на еден исклучителен човек. Одлучив тоа да биде концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов, кој почина годинава. На концертот, македонски уметници ќе изведат дел од неговите најубави дела“, рече музичката селекторка Бисера Чадловска.

Богатата драмска програма на годинешното 62-ро „Охридско лето“ , како што најави селекторката на драмската програма, Сања Арсовска, ќе ја предводат Њујоршката Ла Мама со копродуциската „Балкан Бордело“, белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“ , како и шест исклучителни домашни претстави.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма