Во Кафе-Галерија 8, Безистен, Стара скопска чаршија, вечер во 21 часот ќе биде промовирана книгата „Честичка свесност“ на Дијана Петкова, која ќе биде надополнета со отворање заедничка изложба на хаику од оваа поетеса и на акварели од Тони Шулајковски.
Проектот содржи 100 хаику и 100 акварели, но ќе бидат изложени 26 хаику стихови од Петкова и 13 акварели од Тони Шулајковски. Во книгата, покрај акварелите на Тони Шулајковски, отпечатени се и акварели од Симонида Филипова Китановска, Касиопеја Наумоска и Емил Шулајковски.
Книгата „Честичка свесност“ ќе ја промовира проф.д-р Весна Мојсова Чепишевска, а присутните ќе имаат можност да го прочитаат она хаику коешто најмногу ќе им се допадне.
– Но, божествениот праизвор на бројот 10 е содржан и во десетте Божји заповеди од кои првите три ги определуваат должностите спрема Севишниот, додека останатите седум должностите на луѓето, а сите заедно ја означуваат суштината на Законот. Во тој контекст и секоја песна од збирката „Честичка свесност“ на Петкова е мала филозофија на живеењето, на опстојувањето, на битисувањето, се вели во рецензијата на проф. д-р Мојсова Чепишевска.
Дијана Петкова дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата за македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи. Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“ и „Стожер“. Автор е на збирките поезија „Стефанија“(1999 год.), „Деца од свила“ (2011 год.) и „Нова реалност за просторот“ (2013 год).
Тони Шулајковски дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Реализирал 53 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби.
„Честичка свесност“ е прв заеднички на двата автора.