Ансамблот за народни песни и игри „Танец“ синоќа во преполната сала на новиот театар во Велес одржа целовечерен Велигденски концерт.
На програмата играорците настапија со македонските ора и игри: Сред село, Џамала, Водичарки, Седенка, Малешевка, како и со композициите Христос воскресе из Мертвих и народните песни: Посејала Баба, Дојди дојди малој моме, Не оди боса, Ја излези лично либе, Заспала Јана Јанинка, Да сам С’лнце, како и инструменталната композиција Разигран Танец и естрадно оро.
Марјан Андовски играорец и асистент на Играорен Кор во Танец, изјави дека е презадоволен од настапот пред бројната велешка публика.
– Во Велес секогаш кога доаѓаме, има преполно публика која е добро музички едуцирана и која секогаш по нашиот настап на наше задоволство не наградува со силен аплауз на бис, а така беше и вечерва. Затоа и ние го дадовме максимумот на сцена и концертот беше повеќе од одличен. Во Велес доаѓаме и на Интернационалниот фолклорен фестивал секое лето, а ќе дојдеме повторно кога ќе бидеме поканети, потенцира Андовски.
Овој Велигденски концерт по премиерата во Скопје и концертите во Битола и во Велес, Танец ќе го изведе и во Кочани, Тетово, Гостивар и Ресен. Воедно се подготвува и за настап во Бугарија и на други фестивали и настапи во странство, најави Андовски.