Целовечерен концерт на Хорот „Драган Шуплевски“ во рамки на „Охридско лето“

Од:

По синоќешната премиерна изведба на претставата „Сон на летната ноќ“ во изведба на Народниот театар од Охрид, фестивалот „Охридско лето“ продолжува со музичка програма, со вечерашниот концерт на хорот „Драган Шуплевски“, под диригентска управа на Сашо Татарчевски.

Мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност – Скопје е значаен фактор во музичкиот живот на Република Македонија. Сегашното име го добива во 2002 година во чест на долгогодишниот раководител и диригент, проф. Драган Шуплевски.

Покрај своите редовни концерти, хорот учествува во проекти заедно со другите ансамбли на ФМУ и на реномирани фестивали како „Мајски оперски вечери”, „Интерфест”, ТЕХО, „Нишки хорски свечености“, „Мајски хорски конкурс“, „Варсовиа Кантат“ и други.

Неговиот репертоар е стилски разновиден – од ренесансата до најсовремени творби. Посебен настан секоја година претставуваат концертите на духовна музика во централните храмови на Македонската православна црква и во католичката црква во Скопје. Од концертите на хорот се направени неколку ТВ и радио-снимки, а ФМУ издаде и компакт-дискови од два концерта на духовна музика „Вечерна жртва“ под диригентство на актуелниот диригент на хорот, проф. Сашо Татарчевски.

Својот квалитет и напредокот во последните неколку години хорот ги потврдува и со освојувањето награди на меѓународни хорски натпревари. Како резултат на тие настапи, хорот е веќе вмрежен со голем број европски хорови и е редовно покануван да учествува на реномирани фестивали и натпревари.

Сашо Татарчевски се вбројува меѓу најуспешните македонски диригенти од помладата генерација, настапувајќи со голем број ансамбли меѓу кои Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Битолскиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петербург, Алеа, Симфонискиот оркестар на „Битолско културно лето“, „Солисти на ФМУ“, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера… Работи како вонреден професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ и е диригент на професионалниот камерен хор „Про Арс“ и на Женскиот младински хор при МКЦ. Со различни ансамбли настапува на реномираните домашни манифестации („Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на Македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Есенски музички свечености“…), како и во повеќе европски земји каде што има освоено бројни награди.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот, а на програмата се  композиции на Зографски, Прокопиев, Македонски, Чесноков, Парт, Кедров, Аренски, Свиридов, Чајковски, Гречанинов.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма